Европскиот центар за следење на дроги и зависности од дрога соработува со институциите на земјите кандидати и потенцијални кандидати за ЕУ од 2008 година преку развивање и спроведување на проекти за техничка соработка финансирани од ИПА програмата, како што е тековниот проект ИПА регионалниот проект за техничка соработка со земјите од Западен Балкан. Крајната цел на овие проекти е да ги запознаат корисниците co политиките и методите на работа на ЕУ, како и подготовка за учество во работата на ЕМЦЦДА. Во таа насока и министерот Спасовски истакна дека борбата против недозволената трговија со дрога е еден од врвните приоритети на Министерството и дека соработката со Центарот е од клучно значење за МВР.
Меѓу другото, на состанокот беа истакнати целите на оваа соработка која се фокусира на собирање и анализирање на податоци за прашања поврзани со дрогите, обезбедувајќи вредни увиди за трендовите на дрогите, моделите на употреба и нивните социјални и здравствени последици. Соработката со Центарот помага да се усогласат политиките и стратегиите за дроги низ европските земји, како и за воспоставување на систем за рано предупредување за откривање на новите закани и трендови од дрога.
Генерално, соработката со ЕМЦДДА е од витално значење за информирано креирање политики, координиран одговор на предизвиците со дрогите и заштита на јавното здравје и безбедност во Европа, за што и двете страни се сложија дека соработката и во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира.