Хидроцентралата Чебрен на Црна Река, за чија изградба и стопанисување македонската влада вчера избра концесионер, по 13 неуспешни тендери во последните 20 години, е проект кој датира од далечната 1966 година и може да биде од историско значење за македонскиот електроенргетски систем.
Проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра, а предвидениот рок за нејзино завршување е 7 години. За концесионер е избран конзорциумот Паблик пауер корпорејшн и ППЦ-Архиродон, кои имаат големо искуство.
Браната со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW, значително ќе ја подобри крвната слика на македонскиот електроенегретски сектор, хронично зависен од увоз. Со тоа Чебрен ќе овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана.
Во 2026 година треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“ со јаглен, а нејзината адаптација на природен гас е заглавена во ќорсокак. До 2030 година сите блокови на РЕК Битола ќе мора да престанат со работа на јаглен, согласно обврските што Македонија ги презеде кон ЕУ. Чебрен можеби нема да го замени сиот нивен капацитет, но без него тоа е просто невозможно.
Исто така, браната од 192 метри, која ќе биде една од највисоките во светот, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично, а ќе има огромна улога во намалувањето на емисиите на Јаглерод диоксид во воздухот.
„Се проценува дека работењето на ХЕЦ Чебрен годишно ќе генерира 1044 GWh, за што, ако се генерира од фосилни горива, ќе бидат потребни 380.000 тони јаглен. Со оглед на тоа дека согорувањето на 1 тон јаглен произведува 1,8 тони јаглерод диоксид, генерирањето на 1044 GWh со проектот ќе заштеди 680.000 тони јаглерод диоксид годишно“ – се наведува во физибилити студијата за влијанието на ХЕЦ Чебрен врз човековата средина.
Порамнување на вишоци што „живот“ значат
Но, она што е уште поважно е тоа што хидроцентралата Чебрен ќе ја овозможи енергетската транзиција на Македонија кон обновливи извори на енергија, поради нејзината можност да го балансира електроенегетскиот систем. Освен функцијата за производство на електрична енергија, браната ХЦ Чебрен е предвидено да има режим на пумпање и враќање на водата назад на поголема висина, за што на Црна Река е предвидено создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во земјава.
Оваа функција е опишана стручно во дел од идејниот проект за браната.
„Пумпно- акумулационите хидроцентрали вклучуваат изградба на две структури за задржување на вода за да се создаде горен и долен резервоар. Водата се испумпува од долниот до горниот резервоар за време на ниската побарувачка на електрична енергија. Водата од горниот резервоар потоа се ослободува за време на зголемена побарувачка. Овој циклус на пумпање и создавање на електрична енергија обезбедува предност на максимизирање на водниот ресурс за производство на електрична енергија, особено при често зголемување на побарувачката. Влијанијата поврзани со овој тип на електрична централа се слични на оние кај акумулационите и резервните капацитети“ – се наведува во проектот.
Ова, поедноставно кажано, значи можност за порамнување на вишоците на струја, кои стануваат сѐ поголем проблем за мрежата на нашиот енергетски систем колку повеќе расте бројот на инсталирање фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали и други алтернативни извори, кои продаваат струја на МЕПСО. Проблемот е во тоа што мрежата не може да „издржи“ да ја прими целата произведена енергија во системот, во моментите на мала потрошувачка, на пример ноќе.
За овој проблем да се надмине, производителите на алтеративна енергија набргу ќе бидат принудени да ја складираат како „резерва“ таа вишок струја, односно да купуваат батерии со голем капацитет, кои се екстремно скапи и недоволно ефикаасни, така што иднината на производство на струја од алтернативни извори во Македонија зависи од уште поскапо обновување на целата мрежа или отворање на т.н. литиумски банки на енергија.
Она што пумпно-акумулационите хидроцентрали го прават е „трошење“ на вишоците од струја, кога побарувачката е мала, со своите пумпи. Но, тоа трошење не е залудно, зашто водата се враќа во повисоката акумулација, на повисока точка на потенцијална енегргија, и може повторно да биде употребена за производство на енергија. На тој начин „потрошената“ струја всушност е заштедена, односно акумулирана, во форма на потенцијална енергија на водата. Тоа е далеку поевтин метод отколку да се принудуваат сите мали производители да купуваат огромен број литиум-јонски батерии, што може да им го направи производството неисплатливо, или што е уште поскапо, ЕСМ да први т.н. литиумски банки на енергија.
Досега пропаднаа 13 тендери
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Досега имало 13 неуспешни тендери во последните 20 години. Постојниот Јавен повик од 2016 година е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.
По изработката на физибилити студијата за инвестициски можности во електроенергетскиот сектор, изработена од Ексергиа С.А. (Exergia S.А.) во 2003 година и финансирана од програмата ФАРЕ (PHARE), препорачано е решение за оптимално искористување на каскадата на Црна Река. Во таа насока, во февруари 2016 година, е објавен јавен повик во Фајненшл тајмс (Financial Times) и на веб-страницата на МЖСПП за пројавување интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. На овој повик пристигнаа 11 техничко-економски решенија од заинтересирани компании. Во февруари 2017 година изработена е префизибилити студија за испитување на оптимално енергетско искористување на потегот на Црна Река узводно од ХЕ Тиквеш.
Сонот се остварува како јавно-приватно парнерство
Хидроцентралата Чебрен е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Од ЕСМ велат дека хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело.
„АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивен мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен, државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инсфраструктурен објект да почне да се гради“, се наведува во денешното соопштение на АД ЕСМ.
По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години, појаснуваат од АД Електрани на Северна Македонија.
Две брани, двете двојно закривени и лачни
Браната Чебрен е пумпно-акумулациона централа (ПАЦ), која се предвидува да биде двојно закривена лачна брана, со закривеност на лаците и во круната. Вкупната висина изнесува 192,5 метри, максимално оперативно ниво 565 м.н.в. и минимално оперативно ниво 530 м.н.в.
Браната Орлов Камен ќе биде долниот резервоар. И таа е предвидена како пумпно-акумулациона централа (ПАЦ), која се предвидува да биде двојно закривена лачна брана, со закривеност на лаците и во круната. Вкупната висина изнесува 55 метри, максимално оперативно ниво 400 м.н.в. и минимално оперативно ниво 380 м.н.в.
Каде точно ќе се наоѓа браната Чебрен?
Преградното место „Чебрен“ се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, оддалечено 81 км спротиводно од нејзиното устие во реката Вардар. Во близина е на селото Манастир, а околу 7 км спротиводно од Расимбегов Мост.
На овој потег веќе е изградена ХЕ Тиквеш со нормална кота на акумулацијата 265 м.н.в., додека за останатиот клисурен дел на Црна Река.
Хидроцентралата има целосен работен век од 50 до 100 години. Турбините се дизајнирани да работат континуирано со редовни рутински проверки за одржување. Машинската сала ќе служи како главна контролна соба/канцеларија за работа со генераторите на електрична енергија.