More

    Ковачевски на СЕФФ 2023: Местото на Северна Македонија е во ЕУ, со најдобрите и економски најразвините земји

    spot_img
    Со воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски го отвори третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ во организација на Министерството за финансии.

    На конференцијата свои официјални обраќања имаа и министерот за финансии Фатмир Бесими како и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.

    Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

    „Искрено, Ви благодарам за поканата и годинава да го отворам третиот по ред меѓународен Скопски економско-финансиски форум организиран од Министерството за финансии. Овие два дена се навистина ретка можност за транспарентна и корисна дискусија, размена на идеи и искуства меѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот. Целта е креирање синергија на идеи и иницијативи за одржливи решенија за забрзана европска и регионална економска и политичка интеграција, како важен катализатор на економскиот напредок.

    Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија.

    Членството во Европската Унија зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од взаемна корист и за едната и за другата страна.

    Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со бројни предизвици. Глобалните случувања изминативе години кои го променија светот во целост, имаа големо влијание и врз економиите на земјите од регионот. Европската Унија за земјите од Западен Балкан даде вистинска шанса да се интегрираме во Унијата.

    Особено е важен најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форум во Братислава во мај годинава, ја промовираше заедничката цел на забрзување на процесот на евроинтеграции. Овој план ни отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата.

    По Самитот во Солун во 2003 година, овој план е исклучително охрабрувачки за регионот, бидејќи економските придобивки се со широк опфат. Четирите столба предвидени за земјите од Западен Балкан ќе дадат можност да ги почувствуваме бенефитите на главниот двигател на економскиот успех – трансформациската моќ на европските интеграции и европскиот заеднички пазар. Овде говорам за економска моќ со учество на ЕУ во светската економија и трговија од околу 16%. Само во 2021 година, ЕУ има извоз од 2,18 трилиони евра.

    Ако го погледнеме и БДП во светот, тогаш ќе видиме дека 60% од светскиот БДП се прави во САД и во ЕУ. Само 25% во земјите од БРИКС, а остатокот од 15% во останатите земји од светот. Затоа кога говориме дека местото на нашата држава е во ЕУ, рамо до рамо со стратешкиот партнер САД, тоа значи дека земјата сакаме да ја поставиме таму каде што се најдобрите и најразвиените.

    Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува голема апсорпциска моќ и можност за економија од обем. Се проценува дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина заради синергетскиот ефект е поголем за 10% од колку што би бил доколку земјите членки на ЕУ не би биле интегрирани меѓу себе.
    Тоа во реални пари значи приближно 850 евра дополнителен годишен доход по жител, во текот на една година само затоа што земјата е членка на ЕУ.

    Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции и изградба на подобра инфраструктура во државата.

    Гледајќи низ објективни показатели, Северна Македонија  во последните неколку години, со отворената европска политика на оваа Влада, ја одржува економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш.

    Нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Ќе направам неколку споредби, со членството на Северна Македонија во НАТО, каде овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар. Стапката на невработеност за разлика од  2016 кога беше речиси 24%, денес е намалена на 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.

    Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.

    Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, изнесуваат 2 милијарди евра. Ако во тоа време изнесувале 600 милиони евра, денес само во една година новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.

    За споредба, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува  37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.

    За прв пат донесовме и системско решение за раст на пензиите. Просечната пензија е зголемена за 40%,  во однос на тоа што беше во 2016 година, просечната пензија изнесуваше околу 13.700 денари, а денес во 2023 година таа изнесува над 19.000 денари и ќе следи ново покачување од 6% овој месец.

    Нашите пензионери се вградиле во оваа држава и заслужуваат достоинствен и пристоен живот и тоа на уште повисоко ниво со  блиското членство на нашата држава доколку се донесе потребните одлуки во собранието.

    Во изминативе 5 години Северна Македонија е носител на позитивни политички и економски текови, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, поврзување на нашата земја со целиот регион, со капитални инвестиции во патната инфраструктура се отвораат нови европски рути.

    Бројни истражувања кои се направени години наназад покажуваат дека најголемото незадоволство на граѓаните кои живеат во регионот на Западен Балкан, е поради економската состојба, двоцифрените стапки на невработеност, голем одлив на високо и ниско квалификувана работна сила. Ние мора да ја донесеме Европа тука и така да бидеме препознаени, како нова достоинствена и почитувана членка.

    Дури и емпириските анализи покажуваат дека интеграцијата на земјите од ЗБ во ЕУ ќе значи дека ЕУ ќе има регион кој ќе биде најбрзорастечки во однос на сите други земји членки на ЕУ дури и кандидатите земји членки, доколку ги погледнете стапките на раст на БДП на земји членки поединечно во однос на земјите кандидати се гледа дека нашите стапки на раст се поголеми од тоа што во овие кризни години, на годишно ниво ги имаат најразвиените земји членки на ЕУ. Тоа е затоа што овде има работна сила која е вредна, има инвеститори кои сакаат да инвестираат и има проекти во инфраструктурата кои се градат за прв пат а кои не биле градени во текот на изминатите 50-тина години.

    И сега се наметнува прашањето – Какви би биле економските ефекти од членството во Европската Унија? Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти.

    Пораст на БДП од 80 до 90%, зголемен број на работни места. За 30 до 40% зголемен број на малите и средните претпријатија во економијата.

    Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата. Премиерот на Хрватска,  Пленковиќ истакна за десет години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус. Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од скоро 18%, во 2022 стапката на невработеност на Хрватска изнесува 6%.

    Овде имаме навистина реномирани професори по економија и академик по економија и тие многу едноставно ќе пресметаат колку Северна Македонија има изгубено за овие 17 години чекање и во однос на БДП и во однос на невработеноста и во однос на висината на платите.

    Неносењето на одлуки значи само изолација, само стагнација и тапкање во место. Неносењето на одлуки 11 години на оваа држава и донесе кавга со соседите, и донесе кавга внатре, и донесе економска стагнација и и донесе историско – финансиски инженеринг којшто го гледавме на 2км2 во центарот на Скопје. Ништо друго не и донесе.

    Членството во ЕУ донесе бенефит и за Полска која во ЕУ влезе уште во мај 2004 година со стапка на невработеност од 20%, во 2022 во Полска невработеноста е на 2,6%. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемени за 28%, и тоа во првите 5 години од членството во Унијата на земјите кои се придружиле. Романија има 7 милијарди евра странски директни инвестиции на годишно ниво. Малта во овој поглед има најизразен раст, од 400 милиони годишно кога не била членка на ЕУ, пет години по членството во Малта нивото на странски директни инвестиции е искачено на  21 милијарди евра.

    Порано беше незамисливо наши граѓани да одат да работат во земјите кои ги споменав, ниту во Малта, ниту во Романија, ниту во Полска ниту во Хрватска, уште помалку во Чешка и Словачка, а најмалку во Бугарија. Зошто, затоа што нивото на платите, на економскиот стандард, во Северна Македонија, а особено во времето кога беше дел од заедницата на Југославија беше неколкукратно поголема од овие земји. И што се случи? Тие влегоа во ЕУ и денес имаме наши граѓани кои за поголеми плати и поголем животен стандард да одат да работат во токму овие земји, нешто што било незамисливо и овде имате се уште политичари кои раскажуваат приказни дека државата се уште требало да чека, требало да чека уште 10 години, уште 20 години. Зошто? И тука нема одговор. Никогаш не дадоа одговор зошто државата треба да чека. Бидејќи ги гледаме бенефитите, гледаме дека со носењето на одлуки за членство во НАТО, ние ништо не изгубивме. Само добивме. Добивме поголеми пензии, плати и поголемо ниво на директни странски инвестиции заради безбедноста и сигурноста во државата.

    На крајот од денот, добивме пријатели. Пријателите за мала држава се најголемото богатство. Ако Северна Македонија имаше проблем со електро – енергетскиот сектор, ние само во мандатот на мојата Влада имаме инсталирано 400 мегавати обновливи извори на енергија. 50 години се правеа проекти и се цртаа тендери за тоа да се направи хидроцентралата Чебрен. Вчера, конечно имаме понудувач кој е избран, низ транспарентна постапка помеѓу 9 други реномирани понудувачи. Тоа е грчката ППС и нивниот партнер, реномирани компании кои граделе огромни објекти и каде што конечно ќе може да започнат склучувањето на договорите, студиите и конечно изградбата на Чебрен, на еден од најголемите енергетски објекти на територијата на ЗБ.

    Тоа е направено благодарение на работа, на отвореност и благодарение на градење на пријателство со соседните држави. А ако имате пријатели во соседните држави, тогаш и оние кои не ви се соседи гледаат дека се работи за регион во кој вреди да се инвестира и со којшто вреди да се тргува. Затоа велам и повторувам – сега е времето за носење на одлуките, бидејќи сега е гео-стратешкиот момент во интерес и на Северна Македонија и во интерес на ЕУ за зачленување во ЕУ до 2030 година.

    Членството во ЕУ има придобивки и значително влијание на економскиот раст и трговија, учеството во царинската унија на ЕУ, намалување на трговските бариери и зголемување на конкурентноста. Членството во ЕУ, значи и финансиска помош за намалување на економските разлики меѓу земјите-членки. Со овие средства се финансираат инфраструктурни проекти, регионален развој и разни иницијативи за стимулирање на економскиот раст.
    Заедничката земјоделска политика и Европските структурни и инвестициски фондови кои се поддршка за земјоделството, руралниот развој, истражување и иновации и други сектори.

    Ние мора да бидеме свесни дека нашето земјоделство конкурира со земјоделствата на соседните држави. Помошта која што нашите земјоделци ја добиваат од субвенции е помошта од нашите буџет. Меѓутоа ние имаме 2 соседни држави чиишто субвенции не се само од нивните национални субвенции, туку се и субвенции од буџетот на ЕУ. Тоа ги прави веднаш многу поконкурентни од нас. Ние мора на нашите земјоделци и на сите наши компании да им обезбедиме членство во ЕУ и еднаков настап на заедничкиот европски пазар. А таму ќе се потврди, како што се потврдило на многу полиња дека македонските компании, македонски работници, македонските научници се многу повредни од други кои во моментов ги сметаме за подобри од нас.

    Тоа би значело суштински реформи за воспоставување на темелни европски вредности како владеење на правото, почитување на човековите права, бидејќи единствено така довербата на јавноста во државните институции, судството, обвинителството и политичарите ќе биде поголема. Поажурна и поефикасна јавна администрација која правично, праведно и навремено ќе ги решава проблемите со бизнис секторот, подобар здравствен систем и поквалитетно образование.

    Она што ние го правиме е усогласување на нашето законодавство со ЕУ. Тука ќе бидам многу искрен, премногу ножеви се извадени во воздух во нашата држава, премногу луѓе се раскарани меѓу себе. Фамилии се раскараа за тоа на кого што треба да му се случи, доста беше од времињата кога и судството и обвинителството беа диригирани од министерства и Влада, кога се нарачуваа и судски случаи, кога луѓе се ставаа во притвор, само заради тоа да бидат таму. На нас ни треба европско законодавство, по примерот и на Германија, Словенија, такви какви што ги правиме за да може државата да биде мирна. За да може точно по кој основ некој е обвинет, да не треба да бидат во државата 30 или 40 луѓе криви за се што се случува во државата, туку секој без разлика дали е бизнисмени, приватник, без разлика во кој сектор работи да одговара за она што го сторил. Не може врз основа на општи членови во КЗ да одговараат само еден или двајца или тројца а сите други непречено да го користат своето богатството кое е добиено можеби на незаконит начин. Затоа се случуваат сите овие усогласувања кои се прават во текот на изминатите недели во државата, а ќе следуваат со нови усогласувања на законодавството.

    Доста беше од времиња во државата кога ќе излезе политичар и кога ќе вели ќе ги фатам за уво и ќе ги ставам во затвор. Не, треба да има независна истрага, треба да има независен обвинител и треба да има независен судија којшто низ постапка ќе го направи. А не да имаме изјави на странски претставници кои што ќе кажуваат ова треба тука да се направи, па ако треба нека не биде и по закон. Па ако е така, зошто кај нив дома не го направат така? И кај нив има и политичари и премиери кои се обвинети за одредени дела, па ги гледаме по атлетски митинзи, ги гледаат како трчаат по нивните паркови. Меѓутоа, никој на сила никого не ставил во притвор, а  кај нас со години се користеше притворот како казна, имаме луѓе кои по 10 години седат по притвори. Имаме луѓе кои по 15 години чекаат на пресуди. Таков систем не ни треба на нас, таков систем 45 години гледавме во времето на Југославија.

    Ни треба модерен систем и ни требаат ефикасни и брзи институции кои ќе судат и по закон и по пропис во државата.

    Земјите од Западен Балкан, сите заедно треба да бидеме фокусирани во справување со предизвиците кои ни стојат на патот на просперитетот. Затоа нашата насока треба да биде јасна како да се справиме со корупцијата во јавните набавки, во незаконското стекнување имот, во конфликтот на интереси, со нелегалните финансии. Треба да се заложиме за зајакнување на капацитетите на институциите кои работат на превенција и рано откривање на корупцијата, за да спроведат успешни истраги и гонење на сторителите.

    Ова ни е висок приоритет на агендата во процесот на пристапувањето кон Европската Унија.

    Северна Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како во одржување на добрососедски односи, така и во посветеноста за членство на земјата во Европската Унија. Нашата држава не само што ги споделува принципите на надворешната политика на ЕУ, туку има постигнато висок степен на усогласување со позициите на Унијата, што е потврда дека ја споделуваме и вредносната политика на Европската Унија.

    Ние имаме земји кои се членки на ЕУ, има држави кои веќе преговараат со ЕУ, а ние како земја која само минатата година ги отвори преговорите имаме поусогласена политика со ЕУ од такви држави. Тоа е ЕУ мора да го признае и мора да го валоризира за Северна Македонија.

    Ние припаѓаме на демократскиот и слободниот дел на Европа и како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, Европската Унија има голем интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има политичка стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички, безбедносен план. На ЕУ не и требаат 2 граници, во моментов има надворешни граници и внатрешна граница со земјите од ЗБ. Тоа ниту им користи на земјите од ЗБ, ниту им користи на ЕУ. Па замислете како би изгледале САД доколку Ајова и Минесота не се дел од САД и мора да ги заобиколуваат со пасоши или да поминуваат низ нив со пасоши или заобиколуваат за да стигнете од западниот кон источниот брег на САД. Е тоа го имаме во моментов во Европа, ако тргнете од Грција ви треба пасош да влезеш во Северна Македонија, па пасош во Србија, па ќе изгубиш половина ден по граници додека стигнеш во Унгарија. Или ќе фатиш по заобиколен пат па ќе одиш низ Бугарија, Романија, Унгарија итн. Тоа ли е стратегијата на ЕУ? Ако тоа е стратегијата да биде унија со внатрешни граници тогаш во ред. Меѓутоа сметам дека тие и тоа го препознаа и затоа се изјавите и на Шарл Мишел, дека до 2030 години треба да се обезбеди членство на земјите во ЕУ, нормално со внатрешна реформирање на ЕУ и на еврокомесарот Вархеј којшто вели дека администрацијата е подготвена да работи на тоа и дека земјите секој според заслугите, според брзината на своите интеграции како што вели, претседателот на Франција, треба да се зачлени во ЕУ.

    И ова е повеќе генерациската борба за обединета Европа ќе продолжи со државите на Западниот Балкан и Источното европско партнерство и тоа ни дава силен реформски поттик за реформи.

    Затоа, сите ние заедно, без разлика дали сме на власт или во опозиција,  треба да ги зајакнеме нашите напори и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани. Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите што се очекува да ги исполниме, а од внатрешно политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме. Но, едно е сигурно нашиот фокус и цел мора да остане Европската Унија.
    Сакам тука на овој исклучително еминентен собир сите присутни овде и оние кои не гледаат, денес во Северна Македонија, во Собранието не се одвива гласање за уставни измени, денес во Собранието се одвива гласање за европска интеграција на државата. Денес во Собранието се дава глас или за интеграција во ЕУ или за изолација на државата која ја гледавме 11 години. Јас секогаш сум верувал и работел дека местото на оваа држава е во ЕУ.

    Ви благодарам.“

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img