Бирото за развој на образованието (БРО) тврди дека скандалозните прашања за хетеросексуалноста кај средношколците не се испишани во учебникот по предметот Образование за животни вештини, туку во изготвениот прирачник за наставници кој е одобрен уште во 2011 година.
Наставната програма, велат од БРО, не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини и соодветно на тоа кои работни листови ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите.
„Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование). Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје. Со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование. Имајќи ја предвид, брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, повторно апелираме до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции“, се вели во реакцијата.
Инаку, директно на официјалната веб-страница на Бирото можете да ги „прелистате“ работните листови по предметот Образование за животни вештини, а таму ќе ги прочитате следните прашања што треба да им ги поставуваат наставниците на учениците: „Што сметате дека ја предизвика вашата хетеросексуалност?“ „Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?“ „Дали е можно вашата хетеросексуалност да потекнува од страв од истиот пол?“ „Зошто вие хетеросексуалците се обидувате да ги натерате сите да бидат со вашата сексуална ориентација?“ „Дали би сакале вашето дете да биде хетеросексуалец/ка знаејќи ги проблемите со кои се соочуваат како прељуби, болести, разводи?“ „Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?“
Сличен скандал изби и во март годинава во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје кога на учениците од прво одделение им биле поделени работни листови за домашна задача, на кои од децата се барало да напишат „рецепт за среќно семејство“.
На илустрацијата е прикажано семејство од двајца мажи и дете, а едниот од мажите го држи детето во раце. На истиот работен лист, во долниот дел, има илустрација и од две женски лица кои се држат за рака и разговараат.
Дел од корисниците на социјалните мрежи тогаш коментираа дека тоа е дел од „пропагандата“ која е застапена во училиштата, според која учениците треба да се навикнуваат дека семејството не мора да се состои од маж и жена, туку може да биде истополово.
Сепак, училиштето тогаш објави дека „станува збор за злонамерна, избрзана и извртена перцепција на целата ситуација, онака како што некој сакал да ја гледа и толкува“.
И тогаш, во одговор до Плусинфо, училиштето наведе дека не станува збор за работни листови од МОН, туку за наставни листови и дека „на илустрацијата, според наставната содржина, е прикажано еднородителско семејство и тоа; татко и синови и мајка и ќерка“.