Не само теренот кој беше во најлоша состојба, туку гнев на Италијанците пред стартот на средбата имаше и за химната на Италија. Ја испеа акапела Барбара Поповиќ, која учествуваше на јуниорска Евровизија во 2013-та, без музика и на непријателски стадион, кој ја свиреше од почеток до крај, пишува познатиот италијански магазин „Кориере дело Спорт“ за вчерашните случувања на стадионот во Скопје, каде Италија доживеа фијаско со историско реми од 1:1 против Македонија.
„Накратко, одлуката химната да се пее акапела дефинитивно падна на испит“, завршува еминентниот италијански весник.
Италијанците на интернет за оваа пеење химна без музика коментираа: „Во Македонија музички сме во загуба“, „Оваа национална химна е многу караоке“,„Изборот да има националната химна е промашен дипломатски инцидент“…
Оперскиот пејач Благој Нацоски на Фејсбук раскажа како пријатели го преплавиле со прашањето за химната, но и за лошиот терен. Тој сепак смета дека ако теренот беше квалитетен Македонија ќе победеше.
„Да ви кажам право воопшто не ми е мило што синојќа пријатели и фанови од Италија ме преплавија со пораки од типот „Како е можно теренот за игра да е толку лош” или „Зарем немало подобар избор на пејач за пеење на двете химни”? Дури и италијанските весници да пишуваат повеќе за лошиот терен и за тоа дека „Македонците не ги бива за пеење” отколку за натпреварот. Мојот одговор е дека доколку теренот беше добар, Македонија ќе победеше. Напред Македонија“, напиша Нацоски.
Но, лошо испеаната химна не го засени скандалот со неодржуваниот терен. Вчера поранешниот премиер Никола Груевски јавно сподели видео велејќи дека СДСМ и ДУИ ниту тревата на стадионот не се способни да ја одржуваат. Ова ги поттикна реакциите во јавноста. Видеото кое Груевски го сподели е од „Италијан Фудбал Тв“.
Македонскиот репрезентативец Елмас за РАИ Спорт ѝсе извини на Европа за, според него, срамниот терен:
– Ова е голем резултат, игравме на срамен терен. Им се извинувам на сите Италијанците и на цела Европа. Не се игра фудбал на ваков терен. Беше проблем за нас, исто колку и за Италија – изјави тој.
За капитенот на Италијанците Имобиле, лошиот терен на Националната Арена „Тодор Проески“ не смее да биде алиби за пораз.
– Треба да бидеме обединети токму сега. Создадовме неколку шанси и игравме добро и покрај страшниот терен. Не велам дека лошиот терен треба да биде алиби. Имавме водство, требаше само да го затвориме мечот. Срамота е. Тој слободен удар промени сè. Примивме гол од директен шут. Сега мора во вторник да сме подобри и да извојуваме победа – изјави Имобиле.
Сандро Тонали, новата ѕвезда на премиерлигашот Њукасл, по ремито на Италија со Македонија истакна дека лошиот терен не треба да биде алиби за новиот неуспех на актуелниот европски шампион.