Компаниите кои инсталираа фотоволтаици на покривите на своите производни капацитети сега и покрај олеснетите услови за инвестирање, се соочуваат со проблем да ги извадат потребните документи за да можат да ги продаваат вишоците на струја. Тие велат дека на овој начин им се доведени во прашање инвестициите кои ги реализираа во година на најголема криза со електрична енергија.
Дел од компаниите се жалат дека сега проблем станал и уписот на забелешка во имотниот лист дека покривната конструкција на објектите е дадена под кирија на инвеститор со лиценца за продавање на струјата. Други, пак, се жалат дека општинските администрации одолговлекуваат и натаму во издавањето на потребните дозволи за градба и за пуштање во употреба на објектите.
– За да се продаваат вишоците произведени од фотоволтаиците, компанијата треба да најде инвеститор кој има дозвола за тоа, бидејќи компаниите сами не можат да ги продаваат вишоците. Ние донесовме инвеститор, но сега е потребно во нашиот имотен лист да се стави забелешка дека покривот е издаден под кирија, но Катастарот скоро една година не ни го одобрува ова со неразбирливо образложение, па не можеме да ја ставиме во погон централата и да ги продаваме вишоците. Дополнително, проблем е и општинската администрација која одолговлекува во процесите – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.
Тој додава дека е неразбирливо зошто катастарот не го дава документот кога веќе ист таков дал за фотоволтаиците поставени на друга зграда исто така сопственост на компанијата.
– За првите фотоволтаици кои се поставени исто така на покривот на погонот, но на друга зграда, Катастарот без проблеми стави забелешка во имотниот лист, но за втората зграда ни прави проблеми веќе една година, со неразбирливо образложение. Овие фотоволтаици не можеме да ги пуштиме во производство поради тоа што ни недостасува овој документ. По една година веќе се плашиме дека и поставената опрема ќе почне да откажува, а инвестицијата ќе биде залудна – вели тој.
Со сличен проблем се соочуваат и други компании кои не можат да ги продаваат вишоците струја произведени од фотоволтаиците во кои инвестираа лани, а дел од нив се во завршна фаза на изградба. Тие се жалат дека скоро сите институции одолговлекуваат во издавањето на потребните документи за да може инвестицијата да заврши во потребните рокови и тие да можат да ја користат струјата, а вишоците да ги продаваат што всушност и беше целта на компаниите да ги намалат трошоците за струја со купување скапа увозна струја.
– Залудни беа нашите напори и напорите на владата дека со последните законски измени се олеснуваат процедурите, ако на другата страна ја имате бавната општинска администрација која се обидува на секој начин да го закочи процесот – вели бизнисмен.
Професорот Ристо Цицонков вели дека државата мора да дозволи што поголем број инвестиции во обновливи извори на енергија и да ги тргне сите административни пречки тие побрзо да почнат да функционираат.
– Наместо да дозволува административни пречки кои се непотребни, државата мора да направи сѐ да се стават во употреба што повеќе фотоволтаици. Ова го велат и од причина што ние во лето кога можат да работат што поголем број фотоволтаици и да произведуваат струја, за прв пат годинава увезувавме струја. Апелирам да се отстранат бирократските пречки, а документите кои треба да се обезбедат да бидат сведени на минимум. За примерот што го наведувате нејасно е зошто катастарот треба да вметнува некаква забелешка, кога тоа може да се реши со изјава на компанијата сопственик дека е согласна инвеститорот да постави фотоволтаици на покривот на објектот. Има и други такви пречки кои се нелогични, а кои го забавуваат процесот на изградба и на други централи – вели Цицонков.
Марјан Ненов од невладината Но пасаран смета дека ова се обиди да се отстрани конкуренцијата и да се обесхрабрат инвеститорите со отежнување на условите. Тој се сомнева на поврзаност на институциите со дел од некои инвеститори.
– Ова е повторно обид да се обесхрабрат инвеститорите да се откажат од инвестиции во фотоволтаици што всушност е отежнување на конкуренцијата за сметка на интересите на некого кој е поврзан со институциите и има влијание. Инаку зошто би се правеле нелогични работи во одделни постапки со кои се оневозможува пуштање во работа на некои фотоволтаици кои ги имаат сите документи. Единствено што им преостанува на овие инвеститори е да поведат постапка во Комисијата за заштита на конкуренцијата против државните институции кои ја кочат постапката – вели Ненов.
Тој смета дека во наредниот период новите инвеститори во фотоволтаици ќе имаат уште поголеми пречки кои ќе доаѓаат од државните институции.
– Ова е дополнување на изјавите дека мрежата за пренос на струјата е презафатена и им се советуваше на инвеститорите да купуваат батерии за чување на струјата. Слично е и со тоа дека има огромен број барања за лиценци во Регулаторната комисија за енергетика, а за спороста на администрацијата да не зборуваме – вели Ненов.
За проблемите на инвеститорите во фотоволтаици не толку одамна реагираше и Стопанската комора која изброја дека за да се изгради и пушти во работа фотоволтаица компаниите треба да извадат повеќе од 80 документи кои треба да се поднесат во општините и министерствата, иако владата ги повика компаниите кои можат да инвестираат во сопствена енергија за да се намалат трошоците за струја.