Управата за јавни приходи им исплати 707.246.087 денари на граѓаните во рамки на мерката МојДДВ, за второто тримесечје од оваа година, информира Управата.
Оттаму информираат дека во наредните денови ќе се врши исплата кај оние корисници на апликацијата кои направиле промени во својата трансакциска сметка.
-Во ова второ тримесечје 13 402 граѓани се нови корисници на апликација МојДДВ. Согласно анализите на Управата за јавни приходи над 530.000 граѓани во месеците април, мај и јуни скенирале 86,9 милиони фискални сметки со искажан промет од 54,2 милијарди денари – информира УЈП.
Управата за јавни приходи апелира до граѓаните корисници на апликацијата МојДДВ да внесат точни податоци за да може да им се реализира навремена исплата.
-Најчести причини поради кои не се врши исплатата се: погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице а не на корисникот на апликацијата, или е внесен бројот на платежната картичка наместо број на трансакциска сметка, сметка која е веќе згасната или воопшто не е внесена- влат од УЈП.
Проектот МоЈДДВ кој Управата за јавни приходи го започна на 1 јули 2019 година, успешно се реализира и успешно ги остварува двете главни цели: враќање назад пари кај граѓаните, и сузбивање на сивата економија.
За 5 години, според податоците на УЈП, државата на граѓаните им вратила 7,3 милијарди денари ДДВ.
Од 1 јануари 2023 година е зголемен лимитот за највисокиот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискалните сметки за едно тримечје по корисник од 1800 денари на 2100 денари.