Родителите на Илија Лазаревиќ од Демир Капија, момчето кое се води за исчезнато и по коешто се трага цели две години, добиле потврда дека починатото лице пронајдено кон крајот на март годинава во бездна е всушност нивниот син.
Неговата мајка Снежана Лазаревиќ, која никогаш не загуби надеж дека синот ќе ѝ се врати дома здрав и жив, денеска објави на Фејсбук дека ја слушнала тажната вест.
„По две години потрага по нашиот син Илија Лазаревиќ од Демир Капија наместо добра и убава вест да слушнам, слушнав тажна вест дека мојот син е најден мртов во Демир Капија на Просек во провалија. Погребот ќе биде утре, во 10 часот ќе биде изложен во капелата, а погребот ќе биде во 11 часот“, објави мајката на Илија.
Таа посочи дека писмо со сочувство им било испратено од Јавното обвинителство, а таму пишувало дека со 99 процентна сигурност телото е на Илија.