Хрватскиот хидрометеоролошки завод доцна синоќа издаде црвено предупредување за Риека и Госпиќ. Портокалово е за Карловац, Загреб и Сплит, а жолто за Осиек, Кварнер и Далмација. Најавен е град и силен ветер. Сите оперативни сили и учесници во системот за цивилна заштита се во состојба на готовност. Силно невреме со обилни врнежи од дожд веќе ја зафати областа Кварнер, јавија хрватските медиуми.
На подрачјето на Кварнер, според првите информации, има паднати дрвја и оштетен имот.
Во Мали Лошињ 25 пожарникари засега се распоредени на 36 интервенции.
Граѓаните пријавија уништување електрични столбови, делови од куќи, оџаци, а потопен е и брод.
Ситуацијата не се смирува ниту во загреПската област. Дождот не престанува да врне, што дополнително влијае на водостојот на Сава, кој на секој час се зголемува за шест сантиметри. Сава почна да се излева во западниот дел на Загреб, поточно кај Јанкомир, а загрозени се и најниските делови на општина Брдовец, чии жители ноќеска први добија порака од Системот за рано предупредување и управување со кризи.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека состојбата со водостоите е сериозна.
– Според сите сателитски и радарски снимки, бранот што следи ќе го зафати поголемиот дел од Хрватска, веројатно не секаде со ист интензитет, но в сабота се очекуваат грмежи и најверојатно ќе врне пороен дожд во текот на ноќта. Ваквото покачување на нивото на реката го имаме како последица на она што се случува во Словенија, така што е сериозна ситуација – изјави синоќа Божиновиќ.
И Министерството за внатрешни работи на Србија синоќа соопшти дека со оглед на невремето во регионот, ги презема сите неопходни мерки со цел заштита од последиците од обилните врнежи, како и на населението и имотот.
„Вршителот на должноста помошник министер и началник на Секторот за вонредни состојби при Министерството Лука Чаушиќ, упати наредба за преземање превентивни и оперативни мерки преку сите 27 организациски единици во Србија“, се вели во соопштението на МВР.
Наредбата за преземање превентивни и оперативни мерки е испратена до градоначалниците, претседателите на општините, како и раководителите на административните области, се со цел да се спречат и отстранат последиците од временските непогоди и да се заштитат животите на луѓето, материјалните и културните добра.
Најмалку три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија.