Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека денес Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата за доставување на барања за користење на средства по мерка 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од ИПАРД, согласно Финансиската Спогодба 2014-2020 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 8.8 милиони евра, а крајниот рок за поднесување на барањата е 18-ти септември 2023 година.
Новите инвестиции се оденсуваат на приоритетни сектори за следниве типови на инвестиции: Млеко и млечни производи; Месо и производи од месо ( вклучувајќи јајца и живина); Овошје и зеленчук (вклучувајќи ги компирите, печурките и легуминозните култури); Житарици, мелнички продукти и скроб; Растителни производи и масла и маснотии од животни; Шира, вино и оцет; Производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи.
Во овој јавен повик не се прифатливи инвестиции во градежни работи, повикот е наменет исклучиво за набавка на опрема за преработки.
Овој последен јавен повик се објавува со цел овие 8.8 милиони евра како последни средства од ИПАРД 2 програмата, да бидат инвестирани дома и со тоа во целост да биде реализирана програмата, без ниту еден денар вратен назад.
ИПАРД е нашата успешна приказна, најголем успех со кој сите треба да се гордееме.
Ние сме лидери во регионот со најголема искористеност од 98% на средства од ИПАРД 2 програмата, со склучени 2369 договори, но и прва земја во регионот подготвена да започнуваме со ИПАРД 3 програмата.
Повеќе информации за јавниот повик заинтересираните апликанти потребните обрасци за поднесување на барања за користење на средства по мерка 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи можат да најдат на веб страната на АФПЗРР https://www.ipardpa.gov.mk/mk/Home/IpardPovici/29