Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и владејачката коалиција успеаја на маратонска седница на израелскиот парламент да протуркаат закон со кој се одзема правото да се блокираат или преиспитуваат одлуките на тамошната влада. Последниот круг на гласање беше 64-0, а сите претставници на мнозинството гласаа за законот, додека претставниците на опозицијата ја напуштија салата и не гласаа за овој закон. Оваа реформа се смета за најтешкиот удар за независноста на судството во Израел од основањето на земјата во 1948 година.
„Ние сме на пат кон катастрофа. Ако денес гласате за овој закон, ставате крај на народната армија, ги зајакнувате непријателите на Израел и штетите на безбедноста на државата Израел. Ја ослабувате државата Израел, народот на Израел и израелските одбранбени сили. Нема причина да се внимава на овој амандман. И има многу причини ова да се гледа како важен чекор за постигнување рамнотежа меѓу владините власти и почитување на волјата на гласачите. Со оваа влада е невозможно да се постигнат договори за заштита на израелската демократија. Бидејќи ние нема да се откажеме… она што тие сакаат да го направат е да ја распарчат државата, да ја скршат демократијата, да ја скршат безбедноста на Израел, единството на израелскиот народ и нашите меѓународни односи. Затоа, нема начин да се продолжи со нив“, рече за време на дискусијата поранешниот премиер и министер Јаир Лапид.
Друг поранешен премиер и поранешен шеф на кабинетот, Бени Ганц, испрати слична порака.
„Мнозинството во оваа соба, и тоа сигурно го знам, не го сака овој резултат. Многу ми пречи безбедносната ситуација и тоа што им го пренесуваме на нашите непријатели“, изјави Ганц.
Шефот на една од најмоќните разузнавачки служби во светот, Мосад, Дејвид Барнеа изјави дека доколку дојде до уставна криза во Израел, тој ќе биде на вистинската страна. На сите вработени во оваа агенција, освен на челните луѓе, правниот сектор им забранува да учествуваат на протести против власта. Во целиот случај од почетокот на аферата беше вклучен и израелскиот претседател Исак Херцог, кој се обиде да посредува меѓу спротивставените политички опции.
„Со извонреден потег го направивме првиот чекор во историскиот процес на корекција на правосудниот систем и враќање на овластувањата кои со години беа преземени од владата и од Кнесетот. Особено сме му благодарни на претседателот на Комисијата за устав, право и правда на Кнесетот, пратеникот Симча Ротман, за неговото решително водство [при донесувањето] на овој закон“, рече актуелниот министер за правда, Јарив Левин.
Поранешниот претседател Реувен Ривлин им рече на израелските демонстранти во Ерусалим во неделата дека земјата мора да се „спаси од тежок момент“. Ривлин зборуваше на протестот против ремонтот на судството на премиерот Бенјамин Нетанјаху неколку часа пред клучниот глас во Кнесетот. Израелската полиција и демонстрантите се судрија во понеделникот во Ерусалим додека претседателот на земјата водеше компромисен обид во последен момент пред гласањето. Обидите на Нетанјаху да ги ограничи овластувањата на судовите во земјата го втурнаа Израел во една од најлошите кризи во последните децении.