Пратеникот и координатор на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми денеска изјави дека формално тие уште имаат 15 пратеници бидејќи Иџет Меџити и Мерита Коџаџику сè уште не најавиле дека заминуваат од оваа пратеничка група.
– Нашата пратеничка група броеше 15 пратеници, но формално сè уште брои толку, од причина што како координатор на пратеничката група сè уште немам формална одлука за отцепување од пратеничката група. До овие моменти немам никакво известување дека пратеничката група се намалила или пораснала – рече Адеми за ТВ 21.
За заминувањето на Иџет Меџити од партијата и најавата за формирање на ново политичко движење, Адеми тврди дека тие разбрале од медиумите. Адеми, како што кажа, жали за оваа одлука, но според него, тој бил добро третиран од ДУИ и Ахмети.
– Од медиумите сме информирани за новата политичка определба, во овој случај сакам да нагласам дека се работи за значајни личности кои имале високи политички и партиски функции, биле третирани многу добро во ДУИ – изјави координаторот на пратеничките групи на ДУИ.
Како политички субјект ДУИ, како што кажа, не се плаши од политичкото движење на Изет Меџити.
– Да ви кажам право, не, бидејќи тоа е добро организирана, етаблирана политичка организација, која не еднаш, туку повеќе пати поминала низ слични процеси – рече Адеми.
Според него, ДУИ е на највисоко ниво по кредибилитет во јавното мислење, а тоа е благодарение на визијата на Али Ахмети, која 22 години прави ДУИ да биде стабилна партија.
Адеми тврди дека апсењето на Исмет Гури нема врска со политичките случувања и дека Али Ахмети не се занимава со „стапици“.