Здружението на потрошувачи „Солидарност“ бара парламентарното мнозинство да го прифати амандманот со кој се предвидува ДДВ-то за пелетите да остане 5 отсто во спротивно најавува дека ќе протестира пред Министерството за финансии.
– Како Здружение на потрошувачи сме особено загрижени за последните случувања во поглед на зголемување на цената на пелетите. Владата сака да изврши зголемување на ДДВ-то на овој енергенс од 5 на 18 отсто што неколку месеци пред почетокот на грејната сезона дополнително ќе го оптовари џебот на граѓаните. Нашето Здружение бара додека не е доцна парламентарното мнозинство да го прифати амандманот поднесен од една од пратеничките групи со кој се предвидува за овој енергенс стапката на ДДВ да остане 5 отсто. Доколку не се излезе во пресрет и не се прифати нашето барање ќе протестираме пред Министерството за финансии – велат од Здружението.
Со прифаќање на амандманот, додаваат тие, ќе се излезе во пресрет на над 50.000 домаќинства кои ги користат пелетите за затоплување во зимскиот период и би се заштедиле минимум околу 6.000 денари по домаќинство.
Поскапување на цената од 13 отсто значи плус 2.000-2.500 денари по тон, а секое домаќинство во текот на една грејна сезона троши од три до четири тони пелети.v