More

    Новата политичка партија ќе ѝ нанесе тежок удар на ДУИ

    spot_img

    Може ли токму потегот на Изет Меџити да формира политичка партија да биде клучен за згаснување на политичката кариера на лидерот на ДУИ, Али Ахмети? Ќе има ли новоформираната партија на Меџити доволно моќ преку победа на парламентарните избори да го прекине дводецениското владеење на ДУИ? Колкави се шансите да се случи вистинско обединување на партиите од албанскиот опозициски блок?

    Политичките аналитичари со коишто разговаравме велат дека не би посакале сега да се во кожата на Али Ахмети, кој, како што велат, и покрај тоа што ужива огромна почит како искусен политичар, свесен е дека на неговата партија ѝ се подготвува тежок удар.

    Од друга страна, пак, партиите кои го сочинуваат албанскиот опозициски блок со душа го чекаат формирањето на новото политичко движење и воопшто не ја кријат желбата за целосно обединување во борбата против ДУИ.

    Изет Меџити, пратеник од ДУИ и предводник на „огнената група“, вчера најави дека ќе формира политичко движење во кое веќе се вклучени тројца пратеници од редовите на ДУИ, но и многу други лица кои дале оставка од партиските функции.

    Тој кажа дека официјалното формирање на новата политичка партија ќе се случи на 13 август, а исто така најави и учество на неговата партија на следните парламентарни избори.

    Нам ни треба спас

    Формирањето нова политичка партија претставува сериозен предизвик за политичкиот амбиент во државата, која веќе како да се навикна на еднопартиски систем кај Албанците, коментира за Плусинфо професорот Мерсел Биљали.

    Веќе подолг период се движиме кон работ на длабок опасен кањон кајшто можеме сите да паднеме. А многумина веќе се паднати. Не можете на ѓаволот да му служите, а Бога да не го налутите

    Мерсел БиљалиУниверзитетски професор

    – Ако се ставиме во улога на неутрален набљудувач третирајќи ги институциите според резултатите, тогаш ќе се согласиме дека состојбата во државата ни е хаотична скоро во сите области. Ние веќе наликуваме на Никарагва или на Доминиканска Република, кајшто злото е трајно, а надежта е убиена. Додека кај македонскиот блок одговорноста за ваквата состојба ја имаат двете главни партии, кај албанскиот блок секогаш на власт била ДУИ. Дури состојбите во повеќето области се многу полоши отколку кај македонскиот блок. Опозициските партии често биле водени од маргиналци. Партиската улога кај нив се сведе на желба на два-тројца челници за празно себевладеење. Логиката „штом станав пратеник тоа е добро, и тогаш на сите им е добро“ е злобна и примитивна оти овозможила двесетгодишно еднопартиско владеење кај Албанците. И сега гледаме до кај стасавме. Некој за ова може да се смее до солзи, но штом ќе му престане смеењето ќе му преостанат само солзите. За жал, стасавме до злоупотреби кои ќе бидат меморирани со црнило низ историјата. Појавувањето на нов субјект кој произлегува од таквото незадоволство во рамките на ист организам, најверојатно многу нешта ќе промени – објаснува Биљали.

    Но, посочува тој, тоа не значи дека ќе биде лесна победата.

    – Ние имаме бројни мали партии кои слабо се снаоѓале, дури и ги попречиле и сопствените реформи. Функционирале и сѐ уште тоа го прават без визија, без професионализам, дури без програма. Едноставно се молеле за власт како Индијанците за дожд. Тука не можете да очекувате повеќе од ништо. Но, новата опција, колку што јас знам, има бројни експерти-консултанти, дури и од странство и претпоставувам дека ќе ни се презентираат со нивната визија за спас. Оти нам најпрво ни треба спас, бидејќи веќе подолг период се движиме кон работ на длабок опасен кањон кајшто можеме сите да паднеме. А многумина веќе се паднати. Не можете на ѓаволот да му служите, а Бога да не го налутите – вели Биљали.

    Нови усти за хранење

    Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не очекува позитивен политички бенефит за Македонија како држава, бидејќи, како што вели, албанските партии веќе се насочија кон остварување на теснопартиски и национални интереси поврзани исклучиво за Албанците.

    Борбата на секоја политичка партија на Албанците е да дојде на власт и да владее унитарно. Сите се изменија во власта, а никаква промена не направија. Секоја од сегашните опозициски партии од албанскиот блок има соработувано со ДУИ

    Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

    – Реално, ниту една политичка партија од албанскиот блок не се залага за владеење на правото, за враќање на младите, за надминување на корупцијата, сите го поддржаа договорот со „Бехтел и Енка“ и воопшто не разговараат на други теми освен да ја симнат ДУИ од власт. Сѐ е само за личен бенефит и затоа не очекувам нешто драматично да се смени откако ќе се појави и новата партија што ја најави Изет Меџити – објаснува Пекевски.

    На прашањето дали Меџити има сила да го турне Али Ахмети, тој вели дека почитта кон лидерот на ДУИ е преголема и дека никој нема да се осуди директно да удри по него.

    – Сѐ уште постои огромна почит кон Ахмети и верувам дека целата борба всушност е насочена кон младите сили на ДУИ. Сметам дека борбата ќе се води со Артан Груби, со Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Јетон Шаќири, и со сите оние кои припаѓаат на новиот бран политичари во ДУИ. Според мене, Али Ахмети не е загрозен во ниту една варијанта. Потегот на Меџити секако дека значи удар врз ДУИ, но сметам дека сѐе промислено и добро анализирано, бидејќи Ахмети ништо не остава на случајноста. Секако дека ќе се случат некои судари внатре во партијата и ќе се намали бројот на пратеници на ДУИ, но за нас како држава тоа нема ништо да значи. Единствената промена ќе биде тоа што ќе има нови гладни усти кои ќе се пазарат со власта. За секој нов закон нема да се преговара само со ДУИ, туку ќе се преговара и со новата политичка партија на Меџити која најавува повеќе пратеници во своите редови. Тоа значи дека на Владата ќе ѝ се наметнат нови усти за хранење – вели Пекевски.

    Тој не верува дека е можно обединување на албанскиот опозициски блок.

    – Не е можно такво нешто и ние веќе еднаш видовме дека тоа не функционира. Борбата на секоја политичка партија на Албанците е да дојде на власт и да владее унитарно. Сите се изменија во власта, а никаква промена не направија. Секоја од сегашните опозициски партии од албанскиот блок има соработувано со ДУИ – потсетува нашиот соговорник.

    Најавата на Изет Меџити за формирање нов политички субјект треба да оди во насока на формирање и окрупнување на целиот албански опозициски блок да биде против ДУИ, за да може единствено така да ги порази Ахмети и ДУИ, коментира аналитичарот Благојче Атанасоски.

    – Досега, ДУИ и Али Ахмети беа неприкосновени во т.н. албански политички блок, меѓу другото и поради разединетоста на албанскиот политички блок, поради лични суети и Донтовиот изборен модел, албанскиот опозициски глас беше фрагментиран и невалоризиран. Па оттука и со притисоци и со поткуп, ДУИ владее(ше) повеќе од две децении. Меѓу другото, на релевантни политички анкети, по лидерот Ахмети, најголем рејтинг во ДУИ покажува Изет Меџити кој е поранешен градоначалник на Чаир во три мандати, и кој црпи сила и легитимитет особено во скопскиот регион и крило на интегративците. Актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, е под негова контрола, исто и неколкумина пратеници, што значи веќе има политичка сила Меџити без да има формирано политичка партија – вели Атанасоски.

    Доколку Меџити направи структури, доколку ја обедини етничкоалбанската опозиција и ако направи кампања за привлекување на целиот опозициски глас на Албанците, тогаш има шанси ДУИ да биде поразена на избори, или во најмала рака да биде изедначен резултатот.

    Благојче АтанасоскиПолитички аналитичар

    Доколку направи структури, доколку ја обедини етничкоалбанската опозиција и ако направи кампања за привлекување на целиот опозициски глас на Албанците, додава тој, тогаш има шанси ДУИ да биде поразена на избори, или во најмала рака да биде изедначен резултатот.

    – Од овој момент, се разидоа предводниците на т.н. „огнена група“. Изет Меџити си го фаќа својот сопствен политички пат на формирање и легитимирање на политички/партиски субјект со кој ќе излезе на избори да го бара легитимитет на гласачите, додека Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта ќе продолжат да бараат внатрепартиски реформи во ДУИ, без да учествуваат на избори. Ќе видиме до кога ќе успеат во таа намера или ќе му се приклучат на Изет Меџити еден по еден во иднина – коментира аналитичарот.

    Раце широко отворени

    Поранешниот член на Беса, во моментов независен пратеник, Кастриот Реџепи, веќе потврди дека ќе биде дел и основач на политичко движење на чело со Меџити.

    – Го поддржав во текот на новиот процес, да речеме на неговата внатрешна политичка војна, исто така ќе продолжам да го поддржувам на неговиот пат и најверојатно ќе бидам и еден од основачите на новото политичко движење – изјави Кастриот Реџепи.

    Уште еден независен пратеник, Скендер Реџепи-Зејд вели дека нема никаква пречка за соработка со Меџити во рамки на новото политичко движење.

    Го поддржав во текот на новиот процес, да речеме на неговата внатрешна политичка војна, исто така ќе продолжам да го поддржувам на неговиот пат и најверојатно ќе бидам и еден од основачите на новото политичко движење

    Кастриот РеџепиНезависен пратеник

    – Имам одлична комуникација со Изет Меџити, исто како што имам и со другите политички субјекти. Сепак, конечната одлука ќе ја донесеме откако ќе го одржиме планираниот Народен конгрес – изјави Реџепи-Зејд.

    И од партијата на Билал Касами, Беса, потврдуваат дека се во комуникација со поранешниот член на фракцијата на ДУИ, Меџити.

    – Отворени сме за разговор, имаме комуникација со членовите на „огнената група“ кои сега сакаат да основаат политички субјект. За натамошните чекори ќе ве информираме навреме – велат од Беса.

    Од партијата на Африм Гаши, Алтернатива, пак, коментираат дека сега е време за силна опозициска соработка.

    – Подготвени сме за соработка со сите политички субјекти од албанската опозиција кои изразуваат подготвеност за формирање широк опозициски фронт во функција на позитивни измени на албанската политичка сцена. Дојде време Албанците да се ослободат од корумпираните политики на партиите „Соравија“ и да се спасат од политичарите „нон-грата“ – велат од Алтернатива.

    Инаку Беса и Алтернатива веќе одржале средби за формирање на опозицискиот фронт.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img