„Ве известуваме дека Агенцијата нема направено никаков законски прекршок со покренувањето на иницијативата – предлог за отстапување на возило, туку напротив, постапуваме согласно со законските надлежности на Агенцијата“.
Вака Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, објаснува зошто пуштил во процедура издавање на транспортно возило за услугите на џамијата во општина Арачиново. Директорот на агенцијата на Фејсбук го објави следното:
– Општина Арачиново не е „заборавено село“ туку е oпштина која заслужува и има потреба од безброј грижа, особено од државните институции, така што мојата соработка со граѓаните ќе биде континуирана. Нашите активности ќе продолжат, нема да застанеме тука!
На ова, во изјава за Плусинфо, реагираше пратеникот Антонио Милошоски:
– Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот доделил едно комбе „Цитроен“ на џамијата во Арачиново. Одлуката е спротивна на уставниот принцип на секуларната држава, уште повеќе што во ова време на криза многу државни болници, градинки и училишта имаат реална потреба од превозни средства, а немаат средства за истите да ги набават.
Дритон Небиу вели дека откако е на функцијата директор во Агенцијата, одговарал на секое барање доставено до таа институција, меѓу кои беше и барањето од страна на џамијата во Арачиново.
– Како што е веќе познато на јавноста, Агенцијата согласно Законот бесплатно отстапува одземени предмети на други државни органи и надлежни институции, преку кои отстапените средства се донираат за потребите на оние кои доставуваат барања. Така е и во овој случај, Агенцијата согласно законот, на нивно барање, подготви предлог кој ќе биде проследен до управниот одбор и до Владата на РСМ за добивање согласност, за која што верувам дека ќе биде позитивна, со оглед на тоа што верските џамии или цркви се институции од општествен карактер, чија намена е за граѓаните, за споделување и ширењето на мир и спокој во општеството. Ние секогаш стоиме во интерес и за доброто на граѓаните. Надлежната дејност Агенцијата за управување со одземен имот ја врши во поглед на социјалната реупотреба и бесплатно отстапување на одземени добра за општествени цели, во кои ќе биде вклучен граѓанскиот сектор и тоа ќе биде и понатаму примарен приоритет во работењето – изјави Небиу.