Денеска (29.06.2023) во Клубот на пратеници, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како домаќин го отвори Министерскиот форум на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција (МАРРИ), во име на Претседателството на Република Северна Македонија со оваа Иницијатива, а по повод завршувањето на претседавањето на државата со МАРРИ.
На Министерскиот форум учество земаа министри и високи претставници од земјите од регионот – Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, како и претставници на меѓународните организации Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Високиот комесаријат на ООН за бегалци (УНХЦР) и Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ).
„Денеска завршува претседавањето на Република Северна Македонија со Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – претседателство кое започна во периодот на олабавување на рестриктивните мерки предизвикани од пандемијата со вирусот Ковид 19 и кога полека, повторно започнавме со средби со физичко присуство, овозможувајќи им на професионалците од службите надлежни за прашања од областите во надлежност на МАРРИ да се видат и лично да разменат искуства во врска со нивното работење.
Под такви услови, во рамки на нашето претседавање со МАРРИ, реализирани се вкупно 28 настани на кои учествуваа голем број припадници на администрациите и членови од партнерски, но и од невладини организации, а токму тоа е идејата за која ние се залагавме и ја преточивме во пракса, особено кога станува збор за борбата против трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека Република Северна Македонија вложи максимални напори за продолжување на процесот на реформа во МАРРИ и во текот на на претседавањто одржани се повеќе состаноци со цел усогласување на документите кои произлегоа од работата на работната група формирана за потребите на овој процес.
Изразувајќи го личното задоволство од претседавањето со МАРРИ, министерот Спасовски го потенцираше успехот од склучување нови партнерства со релевантни организации, и од продлабочување на претходно воспоставената соработка со сродните субјекти, како што се Меѓународната организација за миграција – ИОМ, Меѓународниот центар за развој на миграциски политики – ИЦМПД, Европската гранична и крајбрежна агенција – Фронтекс.
Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија како домаќин на МАРРИ Регионалниот Центар имаше дополнителна одговорност кон негово подобро функционирање преку исполнување на обврските преземени со актите кои ги регулираат активностите и целите на Иницијативата.
„Дополнително, успешен и силен Центар, значи поголема поддршка за нашите администрации, па затоа секогаш посветуваме посебно внимание на кандидатите кои ги номинираме за позицијата директор. Досегашниот директор на Центарот е професионалец со долгогодишна кариера и искуство во сферата на граничното работење и раководење со големи проекти, а неговото знаење придонесе за продолжување на процесот за јакнење на Регионалниот Центар.
Од овие причини би сакал да му се заблагодарам на досегашниот директор Сашко Коцев, а имајќи предвид дека во меѓувреме стана пензионер, му посакувам убави пензионерски денови и се надевам дека ќе најде време стекнатото професионално искуство да го пренесе на помладите колеги”, рече министерот Спасовски.