Нуклеарна инженерка вработена во Дирекцијата за радијација и нуклеарна безбедност на Србија добила отказ поради објави на Твитер за српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, пишува денеска неделникот „Време“.
Како што пренесе Бета, во отказното решение, до кое имаа увид новинарите на порталот „Време“, има цитати од два твита кои ги објавила во 2021 година, поради кои нуклеарната инженерка е прогласена „неподобна за работа во државна институција“.
Решението за отказ го потпишал директорот на Дирекцијата за радијациска и нуклеарна безбедност, Слаѓан Велинов, а неделникот додава дека службата за информирање на Дирекцијата две години ги следела нејзините твитови.
Весникот „Време“ пишува дека таа никогаш не ја критикувала власта под нејзиното полно име, ниту во работното време, ниту ја споменала ниту коментирала институцијата во која работи.
Претседател на одборот на таа дирекција е Маја Гојковиќ, актуелна министерка за култура, а член на Одборот е потпретседателката на српското Собрание Сандра Божиќ, двете од претседателството на Српската напредна странка.