Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска во Белград изјави дека САД се „апсолутно против“ потезите на владата на косовскиот премиер Албин Курти.
Хил потсети на зборовите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Приштина ќе ги сноси последиците за потезите што се спротивни на советите на САД.
– Многу јасно ѝ ставивме до знаење на Приштина дека сме апсолутно против потезите на владата на Курти. Секретарот Блинкен исто така беше многу јасен дека тоа ќе има последици за односите со Приштина – изјави Хил во Белград.
Тој исто така рече дека САД ги осудуваат нападите на граѓаните врз војниците на КФОР и НАТО на северот на Косово и нагласи дека таквите акции мора веднаш да престанат.
Тој додаде дека е „исклучително важно“ двете страни да разберат дека единствениот пат напред е преку бриселскиот дијалог и со создавањето на Заедницата на српските општини, изразувајќи надеж дека Србија ќе остане фокусирана на продолжување на европскиот пат.
Претходно, косовскиот премиер Албин Курти реагираше на изјавита на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во врска со ситуацијата. Тој ја оцени неговата забелешка дека одлуката за употреба на сила е донесена „против советите на САД“ како „наивна и бескорисна“.
Курти денеска се сретна со Жозеп Борел, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност. Борел по средбата на Твитер го објави следното:
„Сегашната состојба е опасна и неодржлива. Потребна ни е итна деескалација и решение преку дијалог, како и да се вратиме на работа на имплементација на постигнатиот договор“.
Мирните протести на насобрани граѓани сè уште траат во Звечан на северот на Косово, каде припадниците на КФОР се распоредени на оддалеченост од околу 30 метри од општината, како и пред станбена зграда во близина.
Припадниците на КФОР кои се во близина на општината се наоѓаат зад бодликава жица и метални огради, а граѓаните закачија српски знамиња на металната ограда.
Вчера амбасадорот на САД во Приштина Џефри Ховенир изјави дека „САД имаат две барања до Владата на Косово“. Овие барања, како што посочи, се Владата на Косово да не инсистира градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од трите општински згради на север
Фото: МИА