Ако е нешто антиевропско, антиевропски се токму изјавите како таа на претседателот Стево Пендаровски, со која тој побара да се ограничат парите на медиуми и невладини организации, кои според него, „земаат пари од ЕУ, а работат против ЕУ“, велат експерти за европски интеграции со кои разговараше Плусинфо. Од Кабинетот на шефот на државата не прецизираат на кои медиуми и на кои невладини организации се мисли и не се согласуваат со оценката дека ваквите изјави претставуваат ограничување на слободата на медиумите и на работата на невладините организации.
Претседателот Стево Пендаровски вчера на прес конференција ја коментираше одлуката на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп да го стави во мирување проектот кој веќе три години се реализира со Судскиот совет по сите случувања таму, вреден околу милион евра, а насочен кон зајакнување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на Советот.
Според Пендаровски оваа одлука на холандската амбасада е „коректна“, со оглед на тоа што Судскиот совет со последните постапки „се избрукал во јавноста“, но отиде и чекор понатаму и побара неговата постапка да ја следат и други амбасади и европски тела.
– Мислам дека проблемот со Судскиот совет е многу поголем отколку тие двајца кои по мој предлог ги избра Собранието. Јас тука бев предлагач. За жал целата потстава на овој Судски совет прилично се избрука во очите на македонската јавност. Во таа насока мислам дека е сосема коректна изјавата на холандскиот амбасадор да повлечат проект кој имаа намера да го спроведуваат со членовите на Судскиот совет. Би сакал да видам не само од холандската амбасада туку и од неколку други амбасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат, не само на Судскиот совет туку и на невладини организации и медиуми кои очигледно сите овие години наназад работат со европски пари, а против Европа – рече претседателот Пендаровски.
Според д-р Малинка Ристевска Јорданова, експерт за Европската Унија и поранешна директорка на Институтот за европска политика, оваа изјава на претедателот Пендаровски е некоректна и неевропска, зашто со неа се ограничува слободата на изразување и треба да повлече реакција од ЕУ.
– Ако нешто е антиевропски, тогаш тоа е секако ограничувањето на слободата на изразување. Токму тоа со вчерашната изјава го прави претседателот на државата. Ова е повторување на минатогодишната слична закана дојдена од премиерот и на неа имаше реакција од ЕУ, токму во контекст на слободата на изразување. Очекувам овогодишната реакција да е посилна, особено што во меѓувреме се нанижаа натамошни назадувања токму во областите на граѓанско општество и медиуми – вели Ристевска Јорданова.
Според неа, Европската Унија има доволно механизми да утвди дали некоја невладина организација работи „неевропски“.
– Инаку, што се однесува до проектите на ЕУ, тие ги поставуваат условите под кои може да се аплицира на нивните проекти, така што претпоставка е дека целите на нивното финансирање се во функција на зачувување на вредностите и стандардите на ЕУ. Тие и го ценат исполнувањето на однапред објавените критериуми – потсетува Ристевска Јорданова.
Плусинфо се обрати до Кабинетот на шефот на државата и побара појаснување и конкретизирање на оваа изјава на Пендаровски, на кои и какви невладини организации и медиуми се мисли, и на кој начин тие работат со европски пари, а против ЕУ? Исто така побаравме коментар на оценките дека ваквите изјави на шефот на државата може да се толкуваат како ограничување на слободата на медиумите или на работата на невладините организации и граѓанските иницијативи?
Од Кабинтетот не добивме конкретен одговор кои медиуми и невладини организации се тие што „работат против ЕУ“.
„Во врска со вашите прашања за вчерашната прес-конференција на претседателот Пендаровски, информираме дека претседателот Пендаровски го поддржува ставот на холандската амбасада за одлука за прекин на програми за поддршка на институции за кои смета дека не работат во интерес на европските вредности, а се финансирани од страна на холандските даночни обврзници.
Во таа смисла, претседателот не смета дека е ограничување на слободата на медиумите или ограничување на работата на невладините организации, доколку одреден донатор реши да ја прекине поддршката на проекти финансирани од страна на европските даночни обврзници, ако смета дека одредени организации, институции или медиуми не работат во интерес на европските интеграции на земјава, а истите се обврзале на промоција на европските вредности преку програмите на кои работат“ – се вели во одговорот од кабинетот на претседателот Пендаровски.