Видео од ракета која паѓа среде улица во Киев и за малку избегнвува да собори минибус со патници почна да се шири на Телеграм. На социјалните мрежи се шпекулира дека се работи за ракета од противвоздушниот систем „Патриот“ која паднала во обид да пресретне руски ракети во денешниот руски напад кој се случи среде бел ден само неколку часа по синоќешниот напад со дронови „Шахед“ кој го изведоа Русите.
Ова е 16 воздушен напад врз Украина месецов, а денешното гаѓање се чинеше дека е насочено кон центарот на градот, јавува Би-Би-Си. Медиумот пишува дека сите руски ракети биле наводно соборени, нема жртви, а повредено е едно лице.
Украинските власти уште ги истражуваат остатоците од проектилот. Не е потврдено од каде потекнуваат остатоците.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека еден човек е хоспитализиран откако фрагменти од проектил паднале во областа Подилски, јавува Си-Ен-Ен.
Сите други воздушни напади на главниот град досега во мај се случија ноќе и се чинеше дека се насочени кон критичната национална инфраструктура и противвоздушната одбрана на периферијата.
Портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат изјави дека во последниот напад биле користени балистички ракети Искандер и дека е можно да биле истрелани и ракети С-300 и С-400.
Министерството за одбрана на Руската Федерација соопшти дека синоќа извршило групен напад со високопрецизно воздушно оружје со долг дострел врз непријателски цели и дека секоја од избраните цели била погодена. Регионалната воена администрација Хмелницки соопшти дека Русија нападнала воен објект во западниот украински град, при што оштетила пет авиони.
Руското Министерство за одбрана подоцна соопшти дека нивните сили ги погодиле украинските аеродроми, уништувајќи ги сите цели.
– Како резултат на ударот беа погодени командни пунктови и радарски пунктови, како и авијациска опрема, складишта со оружје и муниција на Вооружените сили на Украина – се вели во дневниот брифинг.