Советот на Апелациониот суд Скопје составен од судиите Гордана Ѓорчева, претседател на советот, Суад Алиу и Влатко Самарџиски, членови на советот, донесе срамна одлука на штета на слободното новинарство против колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), реагира Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
„Овој суд ја укинува пресудата на Основниот граѓански суд Скопје во корист на новинарите и повторно го враќа на судење предметот во кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ги тужи Сашка Цветковска и ИРЛ. Овој вид одлуки на судиите од Апелациониот суд Скопје и генерално ваквата лоша судска пракса негативно се одразува на слободата на изразување и поттикнува самоцензура, посебно ако се земе предвид дека тужбата е приватна а тужителот е економски моќник, а во претходниот владин состав и заменик на претседателот на Владата.
Важно е да се истакне дека ваков вид тужби служат да се предизвика заплашување и потенцијално финансиско исцрпување на тужените новинари. Укажуваме дека вообичаено целта на овој вид тужби не е да се заштити личниот углед, туку да се малтретираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Овој вид тужби се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP) и за истите Советот на Европа креира препораки до членките држави како тие да се превенираат зошто може да го нарушат правото на информирање на граѓаните“, се наведува во реакцијата на ЗНМ.
Според ЗНМ, Секторот за односи со јавноста и за маркетинг на „Феро Инвест“ ДОО Скопје кој во соопштение до медиумите сподели свое толкување за овој судски случај, „се става во улога на суд, прејудицира идна судска одлука и служејќи се со навреди кон колешката Цветковска вели дека таа ‘ја злоупотреби својата положба на новинар, што е тешка повреда на Законот за медиуми и на основните новинарски начела’”.
„На овој начин може да се протолкува дека ‘Феро инвест’ прави дополнителен притисок на Основниот граѓански суд кој повторно треба да постапува по приватната тужба на Анѓушев кон новинари и второ се прави обид да се влијае на јавноста во полза на тужителот на штета на слободата на изразување“, се додава во соопштението од ЗНМ.
За наведената сторија во предметот ИРЛ ја доби првата награда на тема „Справување со загадувањето на воздухот – зајакнување на јавната свест за проблемите и можните решенија“, во избор на Здружението на новинари на Македонија а во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Освен ова, Советот на честа при ЗНМ на 23 мај 2021 година ја одби претставката на Анѓушев за наводно прекршување на кодексот на етика на новинарите и констатира дека со оваа сторија биле обезбедени информации и докази достапни за авторите на истражувачката сторија со што не е прекршен член 1 а со објавување на демантот и со понудата да се сними изјава на Анѓушев, нема прекршување ни на член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека за ова решение на Апелациониот суд Скопје ќе ја известат Европската федерација на новинари (ЕФН) каде што се членки и ќе укажат дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство. Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) соопшти дека за случајот ќе ја извести мрежата на независни совети за медиуми во Европа (AIPCE) каде што СЕММ е членка.