Европската унија остро ги осудува судирите во кои учествуваа косовската полиција и демонстрантите на северот на Косово, иницирани од обидот на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските згради, соопшти ЕУ.
– Силно изразуваме жалење за нападите врз патролите на цивилната мисија на ЕУ на Косово, Еулекс. На Еулекс мора да му се дозволи мирно да го спроведува својот мандат, се вели во пишаната изјава на Петер Стано, главниот портпарол за надворешна политика и безбедност на Унијата.
Според ЕУ, сите страни треба да преземат акции за деескалација на тензичната ситуација и веднаш да се врати смиреноста. ЕУ нагласува дека нема да прифати никакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија, а приоритет треба да бидат зачувување на мирот, а безбедноста на теренот.
„Како што ЕУ постојано наведува, неодамнешните дополнителни избори на северот на Косово не нудат долгорочно политичко решение за вклучените општини. Таквото решение може да се најде само преку вистински дијалог меѓу сите клучни чинители, кои ги вклучуваат Косово, Србија и заедницата на косовските Срби, со посредство на ЕУ“, се вели во соопштението.
САД силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово, дејствија што ги презедоа против советите на САД и европските партнери на Косово. Тоа се нагласува во пораката на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Тие акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици за нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“.
Албанскиот премиер Еди Рама преку објава на Твитер реагираше во врска со ситуацијата во Косово и повика на прекин на насилството, наведувајќи дека „демократскиот свет го стави во центарот на вниманието дијалогот, нормализацијата и взаемното признавање меѓу Косово и Србија”.
Тој додава дека ова што се случува ниту најмалку не е во прилог на процесот во кој „се ангажирани сите големи пријатели на Косово за нормализација на односите со Србија”.
„Дали ова што се случува на Косово му помага на процесот каде се ангажирани сите големи пријатели на Косово и на Албанците, за нормализација и меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија?! Секако не, се додека нашите најголеми пријатели се длабоко загрижени“, пишува Рама.
Додава дека се придружува во апелот да се запре со насилство.
„Им се придружувам во апелот да не се продолжува по овој не само опасен, туку и целосно непотребен пат денес, кога демократскиот свет во центарот на вниманието ги стави дијалогот, нормализацијата и меѓусебното признавање меѓу Косово и Србија“, наведува албанскиот премиер Рама.