Недостасуваат делови од договорот со „Бехтел и Енка“ што Владата го доставила до Антикорпциската комисија, вели претседателката Билјана Ивановска. Според неа, во доставената документација недостасуваат прилози кон договорот.
Иако ДКСК се обратила до Владата, добила одговор дека тоа е истата документација која била испратена до Собранието.
– Ако дојдеме до заклучок дека во тие прилози, покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат за фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив – рече Ивановска, посочувајќи дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата.
Таа информираше дека договорот што им бил доставен има околу 200 страни и дека во него се предвидени сите обврски на државата.