Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се, вели во изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица” Вукан Њагуљ.
Њагуљ е градежен инженер, експерт за носечки конструкции и мостови, кој дипломирал на Градежниот факултет во Белград, а моментно живее во подгорица. Автор е на бројни градежни проекти, и одликуван со повече признанија во регионот, па и во Македонија.
Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје со цел да изврши увид во состојбата на мостот.
Во разговорот за МИА, инженерот Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки. Проектантот оценува дека постои можност за оштетување на продолжените кабли во главните носачи.
– Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата – појаснува Њагуљ.
Според него, мора да се направат сите потребни истражувања и пресметки пред да се донесе било каква одлука. Мостот може да има и доволна сигурност според некои критериуми, но тоа може да биде тема за дискусија дури откако ќе се направат испитувањата, порачува инженерот Њагуљ.