Трансферот на борбени авиони Ф-16 во Украина ќе го постави прашањето за вмешаноста на НАТО во конфликтот, рече рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов во соопштение објавено во понеделникот.
„Нема инфраструктура за операции на Ф-16 во Украина, а нема ниту потребен број пилоти или персонал за одржување. Што ќе се случи ако американските ловци полетаат од аеродромите на НАТО, кои се под контрола на странски „волонтери“?“, праша Анатолиј Антонов во својата изјава објавена на Телеграм.
Во својата изјава тој наведе и дека секој украински напад на Крим ќе се смета за напад врз Русија.
„Важно е САД да бидат целосно свесни за рускиот одговор на таквите напади“, рече Антонов.
Американскиот претседател Џо Бајден им рече на другите лидери на самитот на Г7 во Хирошима во неделата дека Вашингтон поддржува заеднички програми за обука на украинските војници за Ф-16, иако сојузниците на Киев сè уште не донеле конкретни одлуки за обезбедување на борбените авиони.
Според германскиот канцелар Олаф Шолц по средбата, САД сè уште не одлучиле конечно „што ќе се случи на крајот на обуката“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, изрази уверување дека Киев ќе ги прими по повеќемесечно лобирање.
Украина ги интензивираше нападите врз цели под руска контрола, особено на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година.