Како последица на невремето и поплавите, во кои според последните податоци животот го загубија девет лица, италијанскиот регион Емилија Ромања претрпе големи штети и во земјоделството и сточарството. Поплавени се култивирани површини, штали и магацини, а во некои делови уништена е и целата реколта на жито.
Невремето и поплавите во Италија во последните денови зафатија една од најважните области за производство на овошје и зеленчук. Илјадници хектари земјоделско земјиште и насади се под вода, амбарите се без струја, магацините се поплавени, се губат целото жито.
Поради затворањето на автопатот А14 меѓу Болоња и Таранто, имаше и проблеми со испораката на храна, јавува австриската агенција АПА.
Само меѓу градовите Форли и Римини, според податоците на италијанското земјоделско здружение Coldiretti, има штета од 1,5 милијарди евра.
Поплавени се вкупно 37 општини, 21 река се излеале од коритата, а уште 22 се на работ на излевање. Пријавени се 250 свлечишта од Апенинскиот дел на регионот, од кои 150 поголеми. Во градот Фаенца луѓето се засолниле на покривите на куќите, некои биле евакуирани од спасувачите со хеликоптери.
Италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида увери дека Владата со уредба и соодветни средства брзо ќе им пружи помош на општините за санирање на штетите по најлошите врнежи во последните 30 години. Земјоделските здруженија бараат итно да се донесе интервентен закон, како што беше донесен по земјотресот што го погоди подрачјето во 2012 година.
Девет лица загинаа во поплавите, а неколку лица се уште се водат како исчезнати.