Левица подготви 6.664 амандмани за законските промени за Коридорот 8, информираат од партијата.
„Двајцата пратеници на Левица, заедно со Правниот сектор на партијата, иако со многу ограничени ресурси, работеа неуморно со денови во изработка на амандманите, со цел да се спречи корумпираниот и штетен договор за Коридорот 8“, соопштија од Левица.
Оттаму додаваат дека остатокот од опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ иако со 44 пратеници и огромни ресурси, не понудиле скоро ништо за да го спречат криминалот, освен празната реторика во јавноста и дека поднеле едвај 10 амандмани.
„Освен што ќе платиме најскап километар по автопат во историјата, оваа странска компанија ќе може легално да го третира македонскиот работник како роб – со работна недела од фрапантни 60 часа. Низата штетни закони, кои СДС и ДУИ сакаат да ги шверцуваат со европско знаме, предвидуваат експропријација на земјиште само со одлука на Влада, ослободување од даноци за странската компанија, како и пренамена на шумско земјиште без дозволи и одобренија! Ако беше потребно и се отвореше расправа, нашите пратеници беа подготвени да говорат без престан со денови, само за да се спречи овој невиден криминал од енормни размери. Власта, соочена со отпорот на Левица, ретерираше и предлог-законите вчера беа пуштени со фамозното европско знаменце, спротивно на Деловникот и европската регулатива. За овој скандалозен потег власта нема никаков правен основ и претставува кривично дело! Нешто што и самиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ јавно го призна. Почнувајќи од горенаведениот вицепремиер, за оваа постапка сите инволвирани ќе одговараат кривично и ќе завршат во затвор“, се наведува во соопштението од партијата Левица.