Кина ќе ги седне Русија и Украина на преговарачко столче до крајот на годината, а решението за војната ќе наликува на предлогот од 12 точки кој Пекинг го достави на почетокот на годината, предвидува поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер.
Во интервју за Тед Копел од Си-Би-Ес Њуз што се емитуваше во неделата, Кисинџер звучеше уверен дека Кина ќе помогне да се промени бранот на тековната војна, пишува Њузвик.
– Сега кога Кина влезе во преговорите, мислам дека ќе дојде до крај, мислам до крајот на годината. Ќе зборуваме за преговарачки процеси, па дури и за вистински преговори – рече Кисинџер.
Прекин на огнот, ама Русите да си останат во четирите региони?
Планот на Кина доби мешани реакции од Западот, кој смета дека Кина сѐ уште не ги осудила злосторствата на Русија во Ураина. Меѓу 12 точки е и прекин на огнот, задржување на руските трупи на територијата на Украина, крај на западните сакнции или какви било санкции кои не се одобрени од Советот на Обединетите Нации.
Кисинџер, исто така, му рекол на Копел дека верува дека и кинескиот претседател Си Џинпинг и Путин ќе разговараат со него доколку тој им телефонира.
На прашањето на Копел дали тој, Кисинџер, би се сретнал со Путин во Москва ако тоа од него го побара од претседателот, пензионираниот дипломат рече:
– Би бил склон да го сторам тоа, да. Но, би бил советник, а не активна личност (во преговорите).
Од почетокот на војната Кина се поставува себеси за неутрална во конфликтот. Си отпатува за Москва во март за да го посети Путин. Пред доаѓањето на Си, Путин напиша статија за кинескиот Пипл дејли во која рече дека односите меѓу Русија и Кина се „без ограничувања и табуа“.
– Кина не е заинтересирана Украина да ја добие војната и да ги врати сите нејзини окупирани територии. Победата за Украина би значела за Кина победа на демократијата и пораз на нејзиниот стратешки партнер без ограничувања. Кина ќе направи сѐ за да го спречи тоа да се случи – изјави за Њузвик Олександр Мережко, член на украинскиот парламент по посетата на Си на Москва.
Жешкиот телефон Си-Зеленски и не бил толку жежок?
Сепак, Си подоцна имаше едночасовен телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски во април.
– Во услови на сегашниот пораст на разумно размислување и гласови од сите страни, треба да ја искористиме можноста да изградиме поволни услови за политичко решавање на кризата – му рекол Си на Зеленски, според официјалното резиме од Кина.
Зеленски пак, за жешкиот телефон на Твитер напиша дека тој и Си „имале долг и значаен разговор“.
Тој додаде дека „овој повик, како и назначувањето на амбасадорот на Украина во Кина, ќе дадат моќен поттик за развојот на нашите билатерални односи“.
Планот на Си е и план на Макрон?
Плусинфо претходно пишуваше дека бројни западни аналитичари сметаат дека разговорот Си-Зеленски не бил во насока на започнување преговори, туку едноставно тактика на Кина да се испере од последниот скандал на нејзин амбасадор во Франција кој рече дека Кремљ е руски и дека постсоветските републики имаат проблематична независност.
Други пак, велат дека разговорот требало да ги зацврсти веќе познатите позиции во односите меѓу Киев и Пекинг, а тоа е дека Пекинг е неутрален во врска со Украина сѐ додека Киев е неутрален во врска со Тајван.
Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон ја посети Кина заедно со Урсула Фон Дер Лајен, а за разлика од Фон дер Лајен тој од Си беше дочекан со почести и имаше подолги разговори со кинескиот претседател.
Политико објави дека Макрон му се нудел на Си да помогне во преговорите за крај на војната, откако во интервју изјави дека Европа не треба да им биде вазал на САД во врска со Тајван – изјава која предизвика тектонски промени на Запад и во Европската унија.
Секој има свои услови за преговори
Какво е пак расположението за преговори во дворецот во Кремљ? Путин и високите претставнци рекоа дека се отворени за преговори, но нивните услови за такви разговори сугерираат дека прекинот на огнот е далеку. Исто така, Украина посочи дека не може да преговара со Путин поради налогот на Меѓународниот кривичен суд за негово апсење поради наводната депортација на украински деца.
Украинскиот претседателски советник Михаило Подољак на Твитер по издадената потерница во март објави дека идентификувањето на Путин како „очигледен меѓународен криминалец директно значи дека нема да има преговори со сегашната руска елита“.
Потерницата за Путин меѓу другото, ќе значи дека рускиот претседател нема да може да отпатува во Јужна Африка за претстојниот самит на БРИКС бидејќи јужноамериканските власти не би имале друг избор освен да го приведат.