Годинашни добитници на Меѓународната награда Ана Франк се: Кристина Николовска (Македонија), Ивица Баковиќ (Хрватска) и Александар Чотриќ (Србија).
Наградата се доделува за нивниот севкупен книжевен придонес и на планот на културната комуникација, соработка и размена, а посебно за литературата за деца и млади.
Кристина Николовска е македонски поет, критичар, есеист, научен работник и редовен универзитетски професор. Таа е посветен афирматор на современата македонска литература и акутелен раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1992, а денес е член на Претседателството на ДПМ и секретар за меѓународна соработка. Автор е на голем број дела и добитник на значајни државни и меѓународни награди и признанија.
Ивица Баковиќ е доктор на науки на Одсекот за јужнословенски јазици и книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Бил соработник на проектот Книжевните, јазичните и културолошките аспекти на хрватско-македонските односи, а е автор на антологијата Македонски раскази за деца, објавена во Загреб. Исто така, Баковиќ е преведувач на голем број дела од македонски на хрватски јазик.
Александар Чотриќ е писател за деца и млади и автор на голем број книги и антологии. Преведен е на повеќе од триесет јазици, а посебно е познат по своите афоризми за возрасни и деца. Преведува од македонски на српски јазик. Добитник е на низа награди и признанија. Живее и работи во Белград и Панчево.
Наградата ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.