Директорката Хоуп Караскила, која поднесе оставка откако родителите се побунија дека скулптурата „Давид“ од Микеланџело е „порнографска“, ја посети Италија и познатото уметничко дело по покана на градоначалникот на Фиренца Дарио Нардела и директорката на музејот, Сесил Холберг, пишува Гардијан.
Директорката на музејот, Сесил Холберг (лево) и поранешната директорка на училиштето Хоуп Караскила (десно)
Караскила, поранешната директорка на Класичното училиште во Талахаси, Флорида, го посети музејот „Galleria dell’Accademia“ во Фиренца, во петокот, со своето семејство.
Посетата следи откако Караскила даде оставка по ултиматум од управниот одбор на кампусот, кој побарал од неа да поднесе оставка или да биде отпуштена поради жалба од родители.
Родители на ученици од шесто одделение се пожалиле бидејќи на час им била покажана скулптурата „Давид“ од Микеланџело, едно од најпознатите дела на ренесансната уметност, од шеснаесеттиот век, за која тие сметале дека е „порнографија“.
-Да се помеша уметноста со порнографија е навистина смешно. Лично ќе ја поканам професорката во Фиренца за да ѝ се заблагодарам во името на градот. Уметноста значи цивилизација и секој кој ја подучува заслужува почит – напиша Нардела.
Караскила за Хафпост изјавила дека било пракса училиштето да им испрати писмо на родителите кога на децата ќе им се прикажува „потенцијално контроверзна“ класична уметност. Но, поради серија недоразбирања писмото не било испратено на родителите на шестоодделенците пред да им биде покажана скулптурата на Давид.