Меган Маркл нема да биде присутна на крунисувањето на нејзиниот свекор, кралот Чарлс на 6 мај, како ни нејзините две деца, кои ги доби од бракот со принцот Хари.
Таа ќе остане во куќата во Монтесито, Калифорнија, каде ќе го прослави четвртиот роденден на принцот Арчи, додека Хари ќе дојде во Англија за да го поддржи својот татко.
Во саботата, „Дејли телеграф“ објави дека една од причините зошто Меган нема да биде на историскиот настан е тоа што останала „незадоволна“ од одговорот на кралот Чарлс, кога таа ги покренала прашањата за несвесната пристрасност во кралското семејство. Се тврдеше дека Меган потоа му испратила писмо на Чарлс, по познатото интервју со Опра во 2021 година.
Одговарајќи на статијата, портпаролот на војвотката од Сасекс изјави за „Хелоу“:
„Војвотката од Сасекс се занимава со својот живот во сегашноста, не размислувајќи за преписките од пред две години, поврзани со разговори од пред четири години. Секој сугестија е лажна и искрено смешна. Ги поттикнуваме таблоидите и медиумите и разните кралски дописници да престанат со исцрпувачкиот циркус што самите го создаваат“, бил одговорот.
Се вели дека писмата разменети меѓу Меган и Чарлс го вклучуваат и идентитетот на постар член на кралското семејство кој еднаш прашал каква боја ќе биде кожата на принцот Арчи пред да се роди, а Меган и Чарлс наводно се согласиле дека коментарот не бил даден „злонамерно“.