More

    Кои се најголемите жртви на поплавата од лажни вести и медиумски манипулации?

    spot_img

    Татко, мајка и ќерка, тинејџерка, патуваат во такси кон Скопскиот аеродром. Таксистот, еден повозрасен господин, почнува разговор. Ништо чудно, во Македонија е вообичаена пракса таксистите да си муабетат со патниците. Овој таксист им обрнува внимание на патниците дека „денеска небото е кристално чисто“ и дека ги нема оние „бели ленти“ кои речиси секојдневно ги гледа по пат. „Нѐ прскаат со алуминиум – објаснува тој и додава: – И никој од европските амбасадори не презема ништо!“ Патниците мумлаат „да, да“, во надеж дека познатата теорија на заговор нема да допре до ушите на тинејџерката, затнати со слушалки поврзани со нејзиниот смартфон.

    Оваа не е анегдота, туку вистинска ситуација од нашиот живот. Се случи пред Велигден. Обично за лажните вести и за дезинформациите се зборува како за глобален феномен, како за нешто што постои таму некаде на глобално ниво, но не и тука, покрај нас. Но ете, дури и оваа банална ситуација покажува дека глобалното е и локално и дека и ние живееме во светот во кој покрај мноштвото информации, нашата медиумска и парамедиумска реалност ја обликуваат и намерни или случајни „фејкери“. Вторите најчесто и самите се жртви на првите. Веројатно како нашиот скопски таксист.

    И Македонија во глобалната „инфодемија“

    Како и да е, ннформациите сè почесто намерно се менуваат и се „фејкуваат“, со намера да ги доведат луѓето во заблуда. Социјалните мрежи и нивните алатки за персонализација го олеснија ширењето на фалсификуваните приказни. Во нив често се манипулира со емоциите на луѓето, со цел да се привлече внимание и да се соберат што повеќе кликови, било од економски или од идеолошки причини. Дури и младите, дигитално образовани луѓе, во оваа поплава од информации која често се нарекува и „инфодемија“, тешко ги препознаваат манипулираните вести. Индикативно е дека 6 од 9 вести на социјалните мрежи ги споделуваат корисници кои воопшти не ги ни прочитале.

    Институтот за комуникациски студии (ИКС) од Скопје го спроведува проектот „Употреба на новинарство засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“. Мотото на проектот, „Користи факти)“, упатува на потребата да се  зајакне отпорноста на широката јавност и особено на ранливите групи во Македонија кон дезинформациите. Проектот, финансиран од Британската амбасада во Скопје, почна лани и ќе трае до 2025 година. Најновото истражување „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, кое беше спроведено од проф. д-р Елеонора Серафимовска и од м-р Јорданка Черепналкова Трајкоска, требаше да ја „скенира“ ситуацијата и да му помогне на ИКС во фокусирањето и во дизајнирањето на натамошните активности.

    Кој е најмногу ранлив на дезинформации?

    „Со молскавичниот технолошки развој и со последователно зголемениот пристап до мноштво информации во делови од секунда, како човештво, бевме втурнати во ерата на информациите. Сè уште неадаптирани на тоа огромно пространство од секакви информации, ние, речиси потполно неподготвени, влеговме во уште понова ера, во ера на дезинформации. Имаме експлозија од сечии мислења, објави на социјалните мрежи, виртуелни дебати, блогови и веб-страници, па сега секој може да најде податоци и информации за сенешто, како што може и да пушти информации за сенешто во кибер-просторот. Дури и да сме станале свесни за постоењето на дезинформациите, дури и да ги познаваме сите техники со кои креаторите на дезинформации се служат за да влијаат врз нас, па дури и да сме се обучиле како да ги препознаваме и како да се справуваме со дезинформациите, тие потенцијално можат да бидат толку многу, што исто толку лесно може за миг да го исцрпат целосниот капацитет на поединците, да ги направат ранливи групите, да ги загрозат општествата. Веќе стана јасно дека отпорноста на индивидуата на разорната моќ на дезинформациите мора да ни стане еден од главните приоритети во образованието“, се вели во истражувањето на Институтот за комуникациски студии.

    Ова е прво истражување од ваков вид во Македонија. Посебноста е во дефинирањето на можните фактори, мотиви и бариери за препознавње на дезинформациите, како и обидот за нивно мерење и квантифицирање.

    „Се бараат причинско-последичните релации и за таа цел, се претпостави нов теориски модел на влијание, којшто потоа се тестираше. Во тој модел, централен поим е медиумската писменост, а потесно – писменоста за вести. Медиумската писменост им овозможува на луѓето да имаат вештини, знаење и разбирање за целосно да ги искористат можностите што ги нудат и традиционалните и новите комуникациски медиуми. Да се биде медиумски писмен, особено онлајн, е од фундаментално значење за тоа како луѓето се однесуваат како потрошувачи, корисници и „дигитални“ граѓани. Централната улога што ја игра медиумската писменост на интернет, исто така, има импликации врз останатите сфери во живот на луѓето. Ова вклучува овозможување на корисниците да учествуваат во јавниот живот, да гласаат на избори, да одржуваат здрави односи со другите, да пристапуваат и да примаат информации и критички да ги формираат и да ги изразуваат мислењата“, истакнуваат авторите на истражувањето.

    Моделот во ова истражување се надоврзува на теоретскиот модел и инструмент од истражувањето на Максл, Ешли и Крафт, но е проширен со дополнителни две компоненти: првата, активациска компонента, што ги вклучува интринзичката и екстринзичката мотивација за следење вести, како и мотивираноста за учење за препознавањето дезинформации, додека втората компонента се однесува на свесноста за бариерите што го оневозможуваат процесот на препознавањето дезинформации. Предложениот и теоретски модел тестиран со ова истражување сликовито би можел да се претстави на следниот начин:

    Имајќи ги предвид сите детерминанти и компоненти на ранливоста, во истражувањето како ранливи групи се идентификувани младите лица на возраст меѓу 18 и 28 години, возрасните лица над 60 години, како и лицата од социјално ранлива категорија (приматели на социјална помош). Како клучен критериум за дефинирање на ранливите групи е земена компонентата што се однесува на капацитетите за препознавање и за справување со дезинформациите. Истражувањето опфати вкупно 193 студенти и 98 пензионери. Фокус-групата опфати 16 лица од социјално ранлива категорија.

    Една од активностите на проектот е и спроведувањето на ова истражување за подложноста или ранливоста на луѓето кон дезинформации. Преку ова истражување, ИКС сакаше да ја провери сопствената претпоставка дека младите, повозрасните лица (над 60 години), како и лицата кои се социоекономски загрозени се посебно подложни на дезинформации. За таа цел беше спроведена сеопфатна анализа на досегашните истражувања, но и теренско истражување на примерок од категории потенцијално ранливи во однос на дезинформациите.

    Младите фрустрирани и ранливи, но и со најголем пристап до новите технологии

    Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Јасна Бачовска Недиќ вели дека за отстранување на ранливоста од пласираните дезинформации е неопходно да се работи на системско ниво, за да се зголеми медиумската писменост, особено кај помладата генерација, која сѐ повеќе има контакт со технолошкиот развој.

    – За медиумската писменост се крева врева преку невладините огранизации. Но, сметам дека тоа треба да се прави уште во образовниот систем. За жал, така не е во праксата. Наместо учителите нас да ни помогнат, како што тоа се прави во скандинавските земји, тие од нас бараат помош да ги едуцираме нашите деца. Уште од мали нозе децата учителите и децата треба да ги коментираат социјалните мрежи и да разговараат за инфлуенсерите и за нивното влијание врз општеството – вели професорката.

    Проф. Јасна Бачовска Недиќ

    Таа додава дека помладите имаат поразвиени рефлекси од постарите, повеќе знаење и вештини за новите медиуми, па затоа тие во поголем процент ги препознаваат и лажните вести и дезинформациите.

    – На тоа нивно препознавање влијаат фактори. На пример, важно е од кои социјални јадра доаѓаат – дали од едуцирани семејства, дали социјално маргинализирани групи, дали имаат контакт со технологии и слично. Тука имаме диференцијација, практично една стратификација на таа млада популација. Од мојот секојдневен контакт со студентите можам да забележам дека голем дел од нив ги препознаваат лажните вести и дезинформациите. Но, тука имаме еден друг поголем проблем, а тоа е што овие лица сѐ помалку следат општествена проблематика, политика, економија, а повеќе ги интересира модата и трендовите. Според мене, овие студенти, како идни правници и новинари, би тревало да бидат во тек и со другите, општествено поважни настани – објаснува Бачовска Недиќ.

    Сепак, како што вели професорката, со овој проблем системот веќе сериозно мора да се занимава, не само од правен аспект, туку и од социолошки, психолошки и филозофски аспект.

    – Ние во Македонија, како политизирано општество, сме опседнати со дневна политика и со изборите, а не ја гледаме онаа друга страна на животот, фактот дека имаме фрустрирани и повредени луѓе, коишто можеби дури и поради својот изглед пројавуваат психичка и физичка спремност да си го одземат и животот. Ова негативната страна на животот ја пренагласуваат дел од медиумите. Од друга страна, токму медиумите предизвикуваат и позитивни ефекти, иако обратните се поголеми и ние допрва ќе се соочуваме со тие проблеми – додава професорката.

    Пензионерите посебен таргет на креаторите на дезинформации

    Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, смета дека токму пензионерите се најголемата целна група кон која се насочени дезинформациите. Таа предлага почесто одржување на трибини и работни групи, каде што оваа група  граѓани ќе можат да ја зголемат својата медиумска писменост и полесно да одлучуваат што е точно, а што не е.

    – Ние сме возрасната популација на која директно се атакува со различни дезинформации и лажни вести, а кои можат негативно да се одразат на самата личност. За жал, оваа негативна појава е присутна меѓу сите. Структурата на пензионерите се менува, но сѐ уште има такви кои имаат одбивност кон дигиталното време, а откако ќе ги видат благодетите, тие почнуваат да ги прифаќаат. Не како што го прават тоа младите, но се трудат и тие да бидат во чекор со времето – вели претседателката.

    Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова

    Трајкова смета дека пензионерите мора сѐ почесто да бидат вклучени во некои работилници, каде што преку примери на поедноставен начин ќе им биде објаснето како да разликуваат лажна вест или дезинформација, а се со цел самите да се заштитат од негативното влијание и да спречат посериозни последици.

    М-р Јорданка Черепналкова Трајкоска, која е еден од истражувачите во оваа студија, истакнува дека колку еден човек е поинформиран, колку самиот се потпира на сопствените капацитети на истражување, размислување и анализирање на податоците, толку помалку дезинформациите ќе имаат влијание врз него.

    – Истражувањето покажа дека медиумската писменост не е на ниско ниво, ниту кај младите ниту кај пензионерите. Дефинитивно тоа е начинот на којшто се гради отпорноста кон дезинформациите, затоа што нив секогаш ги имало и ќе ги има. Создавачите на лажни вести секогаш имаат некаква цел за да ги пласираат. На глобално ниво, се покажува дека само со отпорноста на дезинформации се гради со конструктот којшто го обработуваме како медиумска писменост. При тоа, важна е мотивираноста за препознавањето на лажните вести, но и широката информираност за важните општествени прашања – вели м-р Јорданка Черепналкова Трајкоска.

    м-р Јорданка Черепналкова Трајкоска

    Таа заклучува дека има разлики при идентификацијата на возрасните категории граѓани за вклучување во системот на градењето медиумската писменост за откривањето на дезинформациите кои секојдневно се пласираат во медиумите.

    – Има разлики во ерата на дигитално информирање, особено кај најранливите категории граѓани, кои можеби немаат толку допирна точка со модерните технологии и со пристапноста до интернет, бидејќи нивните приоритети и потреби се сосема поинакви, а тоа е како и кога ќе добијат социјална помош и дали ќе биде зголемена. Оваа група граѓани повеќе се потпира на луѓе на кои им веруваат во нивната заедница, а имаат поголемо влијание. Сметам дека ова не треба да биде никаква пречка во јакнењето на нивната медиумска писменост, иако кај нив нешто друго е попримарно и посуштински. Кај пензионерите се покажа дека без разлика дали се со повисок или понизок индекс на писменост, тоа не прави разлика при препознавањето на знаците на дезинформациите, особено во дигиталната сфера, иако тие го немаат искуството и знаењето со дигитализацијата, кое што го има кај помладата популација – додава Черепналкова Трајкоска.

    Клучни се потребата од развивање на критичкото мислење и емоционалната писменост

    Проф. д-р Елеонора Серафимовска вели дека не е доволно луѓето да знаат што е тоа медиумска писменост, што се медиумите и како функционираат тие. Во позадина има психолошки димензии, кои се многу важни.

    – Како дел од медиумската писменост е таа интелектуална љубопитност. Луѓето треба да се поттикнат да сакаат да размислуваат, да ги анализираат работите, а не автоматски да ги процесираат информациите. Сметам дека мора да се вежба, да се осмисли еден цел тренинг, една програма која ќе работи на неколку нивоа. На пример, да има дел во кој ќе се објасни што се медиумите, како функционираат и како влијаат врз луѓето. Исто така, мора да се работи и на психолошкиот аспект, што ќе биде добро за целата популација. Станува збор за потребата од развивање на критичкото мислење, за тоа како да размислуваме, како да ги анализираме работите, за да не носиме прерани заклучоци и секако, да ја развиваме мотивацијата – објаснува д-р Серафимовска.

    Проф. д-р Елеонора Серафимовска

    Таа додава дека досега кај нас сите истражувања се поврзани со медиумската писменост, но недостасува страната на медиумите. Луѓето треба да бидат свесни и за тоа како се пишуваат вестите, како се одобруваат, како се создаваат. Крајната цел е да се сфати дека вестите ги создаваат луѓе, иако не е само тоа важно.

    – Кога станува збор за медиумската писменост, за мене најважна е психолошката и емоционалната писменост. Важно е да препознаваме кои емоции ги предизвикуваат вестите, на кој начин не „допираат“ и дали  притоа побудуваат позитивни или негативни чувства. Потребно е да се работи слоевито, бидејќи само така ќе бидеме свесни што ни предизвикува веста и зошто ние ги „голтаме“ дури и вестите кои ги препознаваме како лажни. Тука е клучот за овој важен, психолошки аспект на темата и затоа е потребно многу да се работи на овие прашања – заклучува д-р Серафимовска.

    Оваа статија е изработена во рамките на проектот на ИКС „Употреба на новинарство засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти“, финансиран од Британската амбасада во Скопје

    Општата цел на Проектот е да обезбеди поддршка на граѓаните, на новинарите и на граѓанските организации да го зголемат јавното разбирање за потеклото, за мотивите и за влијанието на дезинформациите во општеството. Проектот ќе креира длабински и истражувачки новинарски стории и едукативни содржини и ќе понуди ресурси што ќе им овозможат на граѓаните да ги препознаат дезинформациите, критички проценувајќи ги нивните извори, мотиви и ефекти. Истовремено, проектот има за цел да ги поттикне граѓаните да се ангажираат за поголема транспарентност на институциите за да се намали просторот за ширење дезинформации, а од друга страна, да ги поттикне медиумите и институциите да обезбедат поголем пристап до веродостојни информации и вести.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img