Ќе потрошиме многу пари, многу време и многу енергија за да го организираме референдумот за уставните измени, а на крајот ќе бидеме „попарени“ од резултатите кои, повторно, како и со референдумот за името во 2018 година, би можеле да бидат лажирани.
Вака, дел од политичките партии денеска му одговорија на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој вчера предложи самиот народ во Македонија преку референдумско изјаснување да даде одговор на прашањето „дали Бугарите да влезат во македонскиот Устав“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека во случајов најдобар референдум би биле предвремените парламентарни избори.
– Со оглед на тоа што актуелната власт е позната по тоа што ги злоупотребува референдумите, а тоа го стори и со последниот референдум за промена на државното име во 2018 година, сметаме дека најдобар референдум се парламентарните избори. Ајде да излеземе на избори и да му дадеме шанса на народот да ги казни сите лоши политики на власта, а воедно да се изјасни и за уставните измени, односно за внесување на Бугарите во Уставот – ни изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Раководството на Движењето Беса, пак, има воздржан став околу прашањето дали е потребен референдум за уставните измени.
– Демократско право на секоја политичка партија е да размисли за начинот како да ги искаже своите политички ставови, но секако, предлозите треба да бидат конструктивно аргументирани и да доаѓаат од важни политички фактори кои ќе придонесат за забрзување на интеграцијата на земјава во Европската Унија и споделувањето на европските вредности – истакна партискиот портпарол Фарук Авдиу.
Можеме да говориме за референдуми и за слични демократски алатки тогаш кога ќе живееме во парламентарна демократија, но за жал, по сите дефиниции ние сега живееме во хибриден режим
Од друга страна, пак, Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица, смета дека референдумот не е потребен, а потсетува и дека политичарите постојат за да носат одлуки и да преземат одговорност наместо граѓаните.
– Во партијата воопшто не сме разговарале на оваа тема, ама мислам дека се знае нашиот став. Без реципроцитет не може да се извршат уставните измени. До кога ќе менуваме Устав по диктат на други држави? Прашањето за уредување на Уставот е внатрешно прашање и тука нема што да дискутираме. Дури и да се одржи референдум за уставните измени, никој нема да верува во резултатите. Сетете се што се случи во 2018 година со референдумот за промена на државното име. При услови на владеење на ваков хибриден режим, небулозно е да се очекува дека власта ќе ја почитува народната волја. Можеме да говориме за референдуми и за слични демократски алатки тогаш кога ќе живееме во парламентарна демократија, но за жал, по сите дефиниции ние сега живееме во хибриден режим. На крајот на краиштата, политичарите постојат за да имаат став и да сносат одговорност, а не може секојпат да го прашуваат народот за мислење. Зошто некој обичен граѓанин да влегува во политика кога си постојат политичарите кои земаат плата од политиката? – објаснува Мојсоска.
И претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, смета дека спроведувањето референдум за уставните измени ќе биде само бадијала потрошено време и пари.
– Ние видовме како помина еден референдум за кој се потрошија куп пари, а кој не вроди со плод. Иако цензусот беше таков каков што беше, а за првпат се случи да има огромна излезност, сепак, видовме дека процесите се случија. Мислам дека организирањето нов референдум за уставните измени ќе значи само бадијала потрошено време и енергија, а процесите веќе се започнати и наскоро ќе бидат завршени. Сметам дека ваквата идеја за референдум е задоцнета. Евентуалното организирање референдум ќе ни потроши многу време, многу енергија и ќе создаде нови поделби кај народот, а резултат нема да видиме. Ако веќе зборуваме за референдум, тоа требаше да го сториме пред да започне процесот, односно пред да биде изгласан Францускиот предлог во Собранието – објасни Зајкова.
– Со гласањето на Францускиот предлог во Собранието, ние веќе ја завршивме работата во поглед на уставните измени, односно со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Сето ова што го прават Демократски сојуз и ВМРО-ДПМНЕ е само обид за одолговлекување на целата ситуација. Треба да ги направиме уставните измени што е можно поскоро и да завршиме работа. На тој начин ќе ѝ докажеме на Европската Унија дека сме подготвени и дека навистина сакаме да ги започнеме преговорите за членство во европското семејство. Сега сѐ зависи од самите нас. Така што, моето мислење е дека одржувањето референдум за уставните измени е непотребна операција – изјави Балкоски.
Ако веќе зборуваме за референдум, тоа требаше да го сториме пред да започне процесот, односно пред да биде изгласан Францускиот предлог во Собранието
Став околу идејата за организирање референдум за уставните измени побаравме од СДСМ и од Алијанса за Албанците, но, иако ни ветија, сепак не ни испратија одговори.
Во поглед на работните групи што ќе ги прават уставните измени, пак, денеска истекува последниот ден за партиите и институциите да достават предлози за свои претставници во групите.
Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да учествуваат во работната група, а истото го порачаа и од Алтернатива, Левица и од Демократски сојуз.
Алијансата за Албанците денеска го номинираше Ремзи Мехмеди за претставник во работната група за измени на Уставот, а СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова.
Од институциите, единствено претседателот Стево Пендаровски веќе номинираше свој претставник, професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Oстанува тоа да го сторат и Секретаријатот за европски прашања, како и Министерството за надворешни работи.
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истекува на полноќ. Според последните информации, работната група треба да има меѓу шест и осум експерти.
Работната група треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во уставот, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската Унија.