Вчера во Националната опера и балет со маестрална изведба на дечињата од ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје/Општина Центар беше прославен јубилејот 75 години постоење на една од најстарите установи од овој карактер во Општина Центар, но и во Македонија.
За вчерашната прекрасна изведба во Националната опера и балет се погрижија негувателките и воспитувачките, кои со помош на кореографот Александра Никофоровска, сценографот Десанка Глигориевиќ, како и костимографот Љубица Велкова, но и околу 200-те дечиња на возраст од 3 до 6 години се погрижија овој јубилеј да мине во најдобро светло.
На програмата која ја следеа бројни сегашни и поранешни вработени во оваа градинка, како и родителите на дечињата беа прикажани десет точки кои дечињата перфектно ги изведоа и можеше да се забележи дека навистина се потрудиле се да биде во најдобар ред.
ВОВЕД БАЛЕРИНА
БОЈНИЧКИ ОРКЕСТАР
УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ
АЛАДИН
МИКИ И МИНИ
БЕБЕ ШЕФ
ДАЛМАТИНЦИ
ЗЛАТНИ
ОДЈАВА ДЕСАНКА
В.д. директорот Анита Николиќ на ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ во чиј дел се објектите „Пинокио“, „Пепелашка“ и „Палешка“ истакна дека цели 75 години, тие создаваат сестрани, креативни и продуктивни личности, пред сѐ задоволни, слободни, одговорни и успешни деца.
– Со постојаното успешно работење и следењето на нашата мисија и визија го реализираме максималниот потенцијал за развој на секое дете, преку процес на трансформација обвиени во една безбедна и стимулативна средина, користејќи современи програми и модели на едукативна работа. Нашата градинка секогаш била безбедна средина, во која децата доаѓаат со задоволство, се чувствуваат радосно и среќно, а игрите и сите активности се адаптирани на нивните интереси и потреби, постојано адаптирајќи се на времето во кое живееме. Со заедничкото делување на четириаголникот: градинка – семејство – дете – општествена средина, нашата институција претставува фундамент на воспитно – образовниот и згрижувачки систем. Нека ни е Честит патрониот празник, Градинке наша!!! – рече в.д. директоротката Анита Николиќ.
Кон честитката за овој прекрасен јубилеј 75 години од постоењето на ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ се приклучи и првиот човек на општината, градоначалникот Горан Герасимовски.
– Суштината на животот е во насмевката на нашите деца. А вчера верувам дека многу насмевки и воодушевувања предизвика 75-годишниот јубилеј од градинката „Раде Јовчевски Корчагин“. Ваше е да ни бидете ни здрави и среќни, а наше да вложуваме во квалитетно образование и обезбедување најсовремени услови за престој во сите детските градинки во Центар. Нека ви е честит патрониот празник и ви посакувам и понатаму успешно да ја реализирате вашата мисија и визија, а општинската градинка „Раде Јовчевски Корчагин“ да претставува синоним за успешно, одговорно и професионално работење. Честит јубилеј! – истакна Герасимовски.
Целиот колектив кој е вработен во ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ е задоволен од сработеното досега, а особено се гордеат со маестралната изведба во Националната опера и балет и посакуваат во иднина да продолжат да ги водат дечињата кон патот и предизвиците со кои понатаму ќе се соочуваат во животот, но и со надеж дека ќе продолжат да слават многу успешни години и јубилеи.