Инспекторот на Грчките железници доби кривична пријава и му е одредена мерка притвор, повеќе од еден месец по најтешката железничка несреќа во историјата на Грција, во која загинаа 57 лица, според судски извори.
Инспекторот Димитрис Николау (63), раководител на железничките станици, бил на должност во моментот на несреќата и бил обвинет за „нарушување на безбедноста во сообраќајот“, што предизвикало смрт на многу луѓе, како и убиство од небрежност, вели изворот.
Во сударот на патнички и товарен воз на 28 февруари загинаа 57 лица, десетици беа повредени, а девет лица се уште се на болничко лекување.
Николау е вториот притворен во овој случај и може да биде осуден од десет години затвор до доживотен затвор.
Во притвор е и шефот на железничката станица каде се случи дефектот Василис Самарас (57). Тој ја призна одговорноста за директниот судир на патнички и товарен воз во Темпе, во близина на градот Лариса.
Пријавени се уште двајца раководители на железничката станица кои на 28 февруари вечерта биле на смена бидејќи порано го напуштиле работното место и зад себе оставиле помалку искусни вработени. Двајцата беа ослободени на почетокот на неделата со кауција од 10.000 евра и мора да се јавуваат во полиција двапати месечно.
Покрај одговорноста на раководителите на станиците, оваа железничка несреќа, најголемата досега во Грција, укажа и на хронични недостатоци и доцнења во модернизацијата на безбедносните системи.