Белоруското Министерство за надворешни работи денеска ја откри причината зошто Минск прифати распоредување на руско нуклеарно тактичко оружје. Според соопштението, тоа биле притисокот и заканите од Запад.
„Во текот на изминатите две и пол години, Република Белорусија беше изложена на невиден политички, економски и информативен притисок од САД, Обединетото Кралство и нивните сојузници во НАТО, како и од земјите членки на Европската унија“, се наведува во соопштението на белоруското МНР.
„Со оглед на овие околности и оправданите грижи и ризици во сферата на националната безбедност што произлегуваат од нив, Белорусија е принудена да одговори со зајакнување на сопствените безбедносни и одбранбени капацитети“, се додава во соопштението.
Минск соопшти дека руските нуклеарни планови нема да бидат во спротивност со меѓународните договори за неширење на нуклеарното оружје, бидејќи самата Белорусија нема да има контрола над оружјето.