Таканаречената „Огнена група“ во ДУИ би била поприфатлива за соработка за Движењето Беса, само ако одлучи да се отцепи од партијата и ако се формира нова партија. Со сегашното парламентарно мнозинство е затворена секоја можност за соработка, изјави првиот човек на Беса, Биљал Касами, во интервју во емисијата „Патот кон“ на Алсат.
– За нас би било добредојдено ако „Огнената група“ конечно реши да се отцепи од ДУИ, да формира политичка партија и да седнеме заедно и да направаме проширена опозициска коалиција. Тие, Алтернатива, со други партии, со други групи, со интелектуалци и други опозициски фактори од граѓанскиот сектор. Подготвени сме да подадеме рака за соработка на секоја политичка сила со која оценуваме дека на албанските гласачи ќе им докажеме дека се надминавме себеси и оти сме подготвени да формираме победничка сила со што ќе гарантираме дека нивниот глас нема да оди залудно – рече Касами.
Тој истакна дека структурите на Алтернатива се добредојдени во Движењето Беса.
– Ако нивниот понатамошен интерес е да се направи политичка ротација во албанскиот политички табор, што подразбира конечно ДУИ да оди во опозиција, тогаш тие се добредојдени да седнеме заедно и да го продолжиме проектот таму каде што застана – рече Касами.
Според него, Владата не се осмелува да упати официјална покана за приклучување на Беса во владината коалиција, ниту до него, ниту до некои други истакнати партиски членови, бидејќи не само што ја изневерила неговата партија, туку и албанските гласачи.