Вечерва во ЦК “Григор Прличев“ во Охрид свечено беше отворено годинешното издание на детскиот музички фестивал „Распеано рибарче“ што се одржува по 24-ти пат, а под покровителство на градоначалникот, Кирил Пецаков.
Во негово име пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева – Стојаноска.
– Драги распеани рибарчиња кои сте дел од 24-то издание на единствениот охридски детски фестивал „Распеано Рибарче“, ценети присутни дами и господа. Дозволете да го изразам моето огромно задоволство што вечерва сум меѓу вас на официјалниот почеток на годинешното фестивалско издание. Нема поубаво чувство и поголема радост да се биде меѓу распеани дечиња кои со возбуда и трепет го чекаат својот настап. Нема поубав рај за душа и очи да се гледаат настапите и изведбите на нашите најмили кои вечерва се вистински уметници. Фестивалот „Распеано рибарче “ е единствен настан во градов на кој децата го покажуваат својот талент за пеење и музика. Годинава ќе бидат изведени 20 композиции преку кои сите ние заедно ќе навлеземе во розовиот и чист детски Свет, а поубаво од тоа нема.
Во оваа прилика упатувам благодарност до организаторите за беспрекорната организација, а градоначалникот Кирил Пецаков и локалната власт како покровители и во иднина ќе го поддржуваме ова прекрасно фестивалско случување.
На младите музички таленти, на овие прекрасни наши деца им посакувам успешни настапи со желба да победи најдобриот во најдобрите.
Вас драга публико ви посакувам да уживате во овие прекрасни мигови, во ова прекрасно детско царство во кое владее искреност, ведрина и чисти детски насмевки– рече Тодева – Стојаноска.
Претходно, вчера и денес најновото фестивалско издание го проследија учениците од охридските основни училишта.