Службата на ЕУ за климатски промени „Коперникус“ денеска потврди дека минатата 2023 година била најтоплата година од 1850 година. Просечната глобална температура на воздухот во 2023 година изнесувала 14,98 степени Целзиусови, а со тоа беше надминат претходниот рекорд поставен во 2016 година со огромна разлика од 0,17 степени Целзиусови.
„Коперникус“ открива дека 2023 година била во просек за 1,48 степени потопла од нивото пред индустриската доба кога луѓето започнаа да согоруваат фосилни горива во големи размери.
Карло Буентемпо, директор на „Коперникус“, сето ова го нарече „драматично сведоштво за тоа колку сега сме далеку од климата со која се развиваше нашата цивилизација“.
Но, научниците сега веруваат дека овој рекорд би можел повторно да биде соборен, а нивните прогнози сугерираат дека 2024 година би можела да биде уште потопла, носејќи поекстремни временски прилики отколку ланската.
Соборувањето на минатогодишниот рекорд е знак дека светот се загрева и дека достигнува ниво на кое климатските влијанија стануваат уште потешки за прилагодување.