Техничка е грешката во учебникот по математика за шесто одделение кој покажува дека збирот на аглите во триаголник изнесува 190 степени, наместо 180 – рече министерот за образование Јетон Шаќири, кој, како што рече, побарал објаснување од авторите и рецензентите на учебникот за тоа како се случила грешката.
– Што се однесува за таа забелешка за предметот математика за шесто одделение, почитуваните автори имаат техничка грешка, без разлика што ако се гледа целосно задачата има и неколку решенија странично од задачата. Јас официјално побарав забелешки, зошто се работи за универзитетски професори, тие кои се вклучени. Кога тие ќе достават објаснување зошто е направена таа техничка грешка или решение на тие проблематики, веднаш ќе доставиме и до јавноста и исто така до наставниците или просветните работници“, рече министерот Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања.