Спасувачите во Таџикистан трагаат по преживеани откако серијата лавини го погодија планинскиот источен регион, при што загинаа најмалку 17 луѓе.
Официјални лица велат дека градот Хорог, главниот град на автономната област Горно-Бадакшан, е најтешко погоден.
Тринаесет лица загинаа во Хорог и уште четворица во други делови на регионот откако лавините започнаа на почетокот на оваа недела.
Десетици куќи се затрупани од снегот, некои се целосно уништени, а неколку луѓе се повредени, јавува Би-би-си.
Локалните жители беа евакуирани во безбедни области, а лавините исто така направија непроодни многу патишта во регионот што се граничи со Кина и Авганистан.
Поголемиот дел од централноазиската земја е покриена со високите планини на масивот Памир, а властите истакнаа дека во последните денови имало близу 100 случаи на лавини и дека опасноста сè уште постои.
Само за еден ден во четвртокот, властите пријавија 69 лавини.
Предупредуваат дека постои ризик од повеќе во следните неколку дена.