Две претстави од програмата на Танц Фест 2023 ќе бидат изведени вечерва од 20 часот на сцената на Кино Фросина во Младинскиот културен центар – првата, „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „А приори“, по идеја и во кореографија на Елеонора Илија, а потоа и „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола.
Претставата „16 чекори до земјата“ е движечко истражување на грчкиот традиционален танц од регионот на Епир, наречен „Загорисиос“. На сцената ќе биде формирана спирала направена од земја, како референца за изворот на постоењето и спиралната форма на многу грчки традиционални танци. Експериментирајќи со повторливиот шаблон на „Загорисиос“, кој се состои од 16 чекори, трите танчерки го презентираат својот искуствен однос кон традицијата во денешно време.
Претставата „Код #9“ е третонаградената на реномираниот фестивал „Масданца“ на Канарските Острови за 2022 година.
– Секогаш е убаво кога делото го изведуваш пред своја публика, па така и овојпат, како дел од Балканската турнеја на „Код #9“, заедно со Алесандро Ола ќе го изведеме овој перформанс на Танц Фест 2023 во Младинскиот Културен Центар. „Код #9“ е за мене значајно дело бидејќи ме доближи до еден нов процес на работа кој резултираше со откривање на нови внатрешни светови. Моменталната турнејата на претставата е поддржана и од нашето Министерство за култура, што особено ме радува, бидејќи нашата земја го препознава нашиот успех. Пред Танц Фест настапивме во Косово и Софија, а планирани се изведби во театарот „Битеф“ во Србија и подоцна во Словенија. Се радувам на можноста да бидам дел од Танц Фест и да го споделам ова доживување со македонската публика – изјави Ивана Балабанова.
Со својот минималистички пристап, „Код #9“ ја истражува трансформативната сила на играта помеѓу темнината и светлото. Додека темнината нуди можност за бесконечност и трансцеденталност, светлото резба фрагменти од телото, мислите и воздишките. Звучниот пејзаж ја дополнува имерсивната и медитативна атмосфера, водејќи ја публиката на работ помеѓу сонот и јавето, велат организаторите.