Никој никому не може да му биде поштар и да му носи документи, им порача претседателот на Собранието Талат Џафери на власта и на опозицијата откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека има понуди за набавка на поевтина струја, а претставници на власта му одговорија да ги достави во ЕСМ или во Министерството за економија.
– Има работи за кои не смеете да се мешате, ни едните ни другите. Јавна набавка се спроведува според Закон за јавни набавки и таму се пропишани процедури и услови, никој никому не може да му биде поштар и да му носи таму документи. Има јавен повик па кој мисли дека исполнува услови нека се јави на јавен повик во процедура што е предвидена според закон. За извештаите на ДЗР, да, Собранието врши контрола и си ги гледа извештаите на ревизијата. Но, по извештаите на ревизијата има други институции што треба да постапат ако се наводите такви како што зборувате … Тој вика давам, имам јас понудувач, друг вика ќе ги доставам, третиот вика јас ќе одлучувам. Како мислите така да одлучувате? Ова е манипулација со граѓаните – им рече Џафери на денешната седница на која треба да се одлучува за продолжување на енергетската кризна состојба во земјата.
Оваа ситуација настана откако ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека државата ќе може да заштеди 300 милиони евра преку понудите за набавка на гас и мазут кои партијата ги обезбедила и ѝ ги понуди на Владата.
– Никој не кажал дека нешто не се прифаќа затоа што ние ги прифаќаме најдобрите, зборувате за контакти. Уште еднаш ви повторувам објавете ги контактите, јас лично ќе му се јавам на Мицкоски. Ако не сака да ги објави, нека ги достави, јас ќе ги објавам јавно. Ако се најповолни, најниски, најдобри… До среда во ЕСМ може да ги достави, јас сум тука до понеделник и може и мене да ми ги достави. Дополнително треба да видиме и од кои извори доаѓаат понудите затоа што зборуваме за кризна состојба на глобално ниво, има одредени санкции што државата мора да ги почитува, ние сме членка на НАТО. Во делот на капацитетите, да, јас ќе преземам одговорност, ќе му се јавам нека ги достави кај мене, јас ќе ги доставам до јавноста и до ЕСМ и секако тие понуди што ги има ЕСМ ќе ги објавиме и граѓаните да видат која е најповолна – рече министерот за економија Крешник Бектеши.