Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол денеска им се извини на граѓаните за трагичната несреќа за време на Ноќта на вештерките во Сеул, во која загинаа 156 лица.
Британските медиуми наведуваат дека претседателот Јун вети дека на одговорност ќе бидат повикани сите функционери за кои ќе се утврди дека се виновни за трагедијата.
– Жал ми е и им се извинувам на ужалените семејства кои се погодени од оваа неискажлива трагедија и на луѓето кои ја споделуваат нивната болка и тага, рече Јун.
Тој додаде дека не се осмелува да се споредува со родители кои изгубиле синови и ќерки, но дека „како претседател кој е должен да ги штити животите и безбедноста на луѓето, срцето му е скршено”.
Полицијата се соочи со остри критики од јавноста за непрофесионалниот одговор пред и за време на трагедијата, бидејќи испрати само 137 полицајци во спорната област, и покрај претходните проценки дека ќе се соберат околу 100.000 лица.
Трагедијата се случи вечерта на 30 октомври, за време на прославата на празникот Ноќ на вештерките, кога во еден момент неколку стотици лица се нашле на удолница, во тесна уличка, широка само четири метри, од каде не можеле да се затскријат ниту да излезат, па почнале да паѓаат еден врз друг, пренесе агенцијата Јонхап.
Стампедото почнало кога луѓето почнале да се превртуваат, како „домино”, и во хаосот настанат од турканиците почнале да се трупаат еден врз друг, оставајќи многумина без воздух или прегазени, наведоа очевидци.
Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, од кои повеќето беа средношколци.