Условите што ѝ ги поставува Бугарија на Македонија за почеток на преговори со Европската Унија е тие комплетно да бидат вклучени во преговарачката рамка со ЕУ.
Ваквиот предлог на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој, всушност, значи дека бугарските барања ќе станат барања од Унијата во процесот на преговори, ги подели мислењата на домашните политички аналитичари.
Едни се скептици и не веруваат дека таквиот начин на решавање на билатералниот проблем гарантира дека источниот сосед ќе се воздржи од поставување нови услови во иднина.
Други, пак, сметаат дека земјава не губи ништо доколку прифати да се помести од мртва точка и практично од предворјето да влезе во претсобјето на ЕУ.
Кој ни гарантира?
Апсолутно не гледам зошто Македонија воопшто би прифатила бугарските услови да влезат во преговарачката рамка со ЕУ, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Мислите дека Макрон ќе застане и ќе ни рече: Да, јас ви гарантирам! Не, такво нешто нема да се случи
– Бугарите треба еднаш да излезат со конкретно барање и да ни кажат што сакаат од нас. Ова е политички проблем и бидете сигурни дека Софија не стои зад сето ова. Но, каде е нашата крајна црвена линија? Јас апсолутно сум против и сметам дека ќе згрешиме ако прифатиме бугарските услови да влезат во преговарачката рамка со ЕУ. Кој ќе ни гарантира дека Бугарија нема да има нови услови во иднина? Земјите-членки на ЕУ сигурно не можат да ни гарантираат, оти никоја од нив не сака да се меша во билатерален проблем помеѓу Македонија и Бугарија. Мислите дека Макрон ќе застане и ќе ни рече: Да, јас ви гарантирам! Не, такво нешто нема да се случи – вели Пекевски.
Ако се вратиме на самиот почеток на билатералниот проблем помеѓу Македонија и Бугарија, додава тој, невозможно е да не го спомнеме Договорот за добрососедство, за кој сега сите зборуваат дека не чини и дека немаше потреба да се потпише.
– Но, по потпишувањето на таквиот документ, погледнете како течеа бугарските услови и дали тие се статични или постојано еволуираат од крајно лево кон крајно десно, без некоја стабилност во било кое барање. Гледаме дека не постои константа во бугарските барања, односно дека Македонија повторно ќе биде изневерена како со потпишувањето на Преспанскиот договор. Тогаш го потпишавме договорот, го сменивме името на државата, а гаранција за влез во Унијата не добивме. Истото ни се наметнува и сега. Бугарија никаде не вели дека ќе ни гарантира влез во Унијата ако ги внесеме Бугарите во Уставот. Дури и бугарскиот премиер Кирил Петков да даде таква гаранција, бидете сигурни дека другите политички фактори кај нашиот сосед ќе ја минираат таквата гаранција – објаснува Пекевски.
Само под еден услов
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски коментира дека бугарскиот предлог би бил прифатлив за Македонија само под еден услов: Доколку има гаранции дека нема да има нови барања и доколку до самиот крај останат овие услови коишто сега се ставени на маса.
– Ако тој некаков договор го заокружи процесот и доколку Бугарија се обврзе, како што впрочем инсистираше нашата влада, дека нема да има нови барања и нови услови во текот на преговарањето, тогаш тоа би можело да биде прифатливо за нас – вели Арсовски.
Нам воопшто не ни пречи да ги вклучиме Бугарите, Хрватите или Црногорците во Уставот, додава тој, но сѐ зависи од тоа дали таквото барање ќе биде последно барање.
– Ако ние и Бугарите се договориме дека тоа се прифатливи услови за двете земји, не треба да очекуваме дека некоја друга земја членка на ЕУ, и покрај тоа што има забелешки дека тоа би било некаков непријатен преседан, особено имајќи го предвид последното поведение на Хрватска во однос на тоа прашање, ќе се противи на таквото решение. Принципиелно ќе застанат на ставот дека не треба билатерални прашања да влезат во преговарачката рамка, но ако тоа значи откочување на процесот и почеток на решавање на крупното геостратешко прашање на Западен Балкан, мислам дека не постои голема опасност некои земји-членки да го ветираат, односно да го оспоруваат таквиот предлог – изјави Арсовски.
Средината е затруена
Бугарскиот професор Евгени Даинов во интервју за ТВ21 изјави дека бугарскиот премиер и Владата прават сè што е можно да ги поместат работите околу Македонија, но ги стопираат две партии од коалицијата – Има таков народ и БСП, поранешната Комунистичка партија.
Тој истакна дека во Бугарија, до пред три години, 80 отсто од Бугарите сакале Македонија да биде членка на ЕУ, додека, пак, сега, 60 отсто не сакаат.
– Човек кој мисли дека друга држава може да му ги украде неговата историја и неговиот идентитет, тој човек е дупка, празен простор. Тој е вакуум. Кога имаш самодоверба, знаеш кој си, никој не може да ти украде ниту историја ниту идентитет, но бидејќи Бугарите се втерани во оваа хистерија и се чувствуваат слаби, без идентитет и си замислуваат дека некој може да им ја украде историјата. Тоа не може да се случи. Сите историски спорови се за минатото, не се за мене овде и сега и не се за мене во иднината. Тоа треба да се каже и од двете земји, бидејќи Европа не разбира, ЕУ не сака да го разбере точно тоа, како разговор за минатото, за историјата се наоѓа во основа за разговор за политиката, што е разговор за иднината. Оваа врска треба да биде прекината од Бугарија. Бугарија ја направи оваа врска и Бугарија треба да ја прекине – рече Даинов.
Според него, нема лесно и брзо решение бидејќи средината е затруена.
– Јас навистина стравувам дека ако утре се подигне ветото, овде ќе има проруски бунт. Подготвени се, има списоци на луѓе за затворање – објаснува професорот.
Копретседателот на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања од бугарска страна, Ангел Димитров, пак, за БГНЕС нагласил дека Македонија е државата која е генетски поврзана со Србија и со Русија и, како што вели, не може или не сака да им сврти грб.
– Затоа, навестувањата за бугарска позиција во служба на Русија или на Србија се апсурдни. Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Северна Македонија за да ѝ помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се биде внимателен со вакви евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја – додаде тој.
Според него, Македонија го прифаќа билатералниот договор за пријателство и добрососедство како формален чин, како билет за ЕУ, а не како цврста политичка определба.
– Не треба да живееме со идејата за мимикрија на активност, за лажни сигнали дека нешто се случува кога нема резултати – додаде тој.