Секоја сабота до крајот на декември да биде работна. Секој работен ден, наместо во просек по шест школски часови, да има двојно повеќе, но во скратена верзија. Да се скрати зимскиот распуст во јануари. Загубените часови да се одработуваат по зимскиот распуст.
Само овие четири механизми, според познавачите, им се на располагање на директорите на неколкуте скопски средни училишта откако Министерството за образование и наука (МОН) вчера им порача како знаат и умеат до Нова година да ги надоместат загубените часови поради лажните дојави за бомби, односно поради евакуациите.
Од МОН велат дека дојавите за поставени експлозиви се случуваат само во дел од средните училишта, оние што се на територија на главниот град, а не и во другите градови низ Македонија, па затоа тие како Министерство нема да дадат насоки како да се надоместат изгубените часови, туку тоа ќе го стори секое училиште посебно, во зависност од тоа колку часови изгубило.
Министерот за образование Јетон Шаќири е категоричен: Доколку не стигнат до крајот на ова полугодие, училиштата да ги одработат часовите по зимскиот распуст, во второто полугодие.
– Тоа што не е реализирано за време на првото полугодие мора да биде реализирано во второто полугодие. Ќе видиме како ќе течат работите – рече Шаќири.
Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска обвинува дека МОН не го сфаќа проблемот сериозно.
– Министерот за образование смета дека директорите на училиштата се должни да го направат тоа што самата Влада не е способна да го направи. Како прво и основно, најголемата одговорност лежи кај Министерството за внатрешни работи кое веќе месец ипол не може да се справи со лажните дојави на бомби. И второ, Министерството за образование и наука очигледно не го сфаќа овој проблем сериозно, па со лесностија дозволи децата да губат часови. Како што веќе започна и регионот со дополнителна онлајн настава за пропуштените часови, истото треба да го практикуваат и училиштата во нашата земја каде што имаше дојави за бомби или, пак, учениците да подготват семинарски работи за пропуштените часови – смета Јаневска.
Се обидовме да побараме став од директорите на неколку скопски средни училишта („Раде Јовчевски Корчагин“, „Здравко Цветковски“, „Владо Тасевски“, „Јосип Броз Тито“) за тоа како планираат да ги надоместат загубените часови до Нова година, но никој од нив не одговори на нашите повици.
Инаку, кога сме кај бомбите, и денешниот ден не помина без паника. Утрово на електронската пошта на најмалку 5 скопски основни училишта пристигнала заканувачка порака, односно известување дека во објектот е поставен експлозив. Полицијата е излезена на терен, а учениците ги напуштија училиштата.
Во „Орце Николов“ веќе одработуваат
Скопската гимназија „Орце Николов“ беше едно од главните училишта кои беа на удар на дојавите на бомби.
Директорот Митко Димовски во разговор за Сител вели дека веќе започнале со надополнување на пропуштениот материјал – и онлајн и со физичко присуство.
– Часовите кои се пропуштени се надополнуваат онлајн, но и со физичко присуство. Учениците доаѓаат пред да им започнат часовите или пак остануваат по наставата за дополнителни часови. Договорот е индивидуален помеѓу секој професор и учениците, а до крајот на полугодието ќе бидат одработени пропуштените часови – вели директорот.