На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, втор пат по ред, бидејќи стивнаа стравувањата од рецесија, но трговците се загрижени за забавувањето на растот на кинеската економија поради продолжувањето на рестриктивните мерки против Ковид -19.Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 2,7 отсто, на 96,07 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 3,7 отсто, на 88,20 долари.
На нафтените пазари се уште владее неизвесност, па еден ден цената на барелот расте, а следниот ден паѓа.
Цените се поддржани од неодамнешната одлука на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја намалат понудата за два милиони барели дневно од ноември и неодамнешното стапување во сила на ембаргото на ЕУ за руската нафта и деривати.
„Намалувањето на производството на ОПЕК од ноември и новите санкции на ЕУ за руската нафта од 5 декември треба да имаат позитивен ефект врз цените“, вели Стивен Инес од SPI Asset Management.
Цените на барелот беа поттикнати и од солидните показатели од некои од најголемите светски економии, што ги намали стравувањата од рецесија.
По два квартали на пад, американскиот бруто домашен производ (БДП) се зголеми за 0,6 отсто во третиот квартал во споредба со претходните три месеци.
Германската економија забележа раст и во третиот квартал, за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, кога активноста се зголеми за само 0,1 отсто. Најголемата европска економија досега успеа да се одбрани од рецесијата, и покрај високата инфлација и енергетската криза.
„Се чини дека стравот од рецесија во последно време стивна, но продолжувањето да се обложува на здрав економски раст може да испадне непромислено“, предупредува Тамас Варга од ПВМ.
Повисоките цени на нафтата беа ограничени поради загриженоста за кинеската побарувачка, откако некои кинески градови воведоа построги мерки за борба против ширењето на Ковид-19, вклучително и затворање згради и цели градски области.
Кина е најголемиот увозник на сурова нафта во светот, а оваа година опстојуваше на строги мерки за борба против Ковид-19, што ја запре деловната и економската активност и ја намали побарувачката за гориво.
„Тешко е логично да се предвиди закрепнувањето на набавката на сурова нафта во Кина, со оглед на неизвесноста создадена од нејзината политика на нулта толеранција кон Ковид“, рече аналитичарот на PVM Oil, Стивен Бренок.
Меѓународниот монетарен фонд очекува економскиот раст на Кина да забави на само 3,2 отсто оваа година, од 8,1 отсто во 2021 година. Во април, ММФ процени дека растот оваа година би можел да биде 4,4 отсто.
Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година пораснаа за околу 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.