Холандија ги совлада САД во осминафиналето на Светското првенство 2022 година. Средбата на стадионот „Калифа” во Доха попладнево заврши со резултат 3:1.
Мемфис Депај го отвори резултатот во 10. минута. Дејли Блинд постигна гол во судиското надополнување на првото полувреме за 2:0. Во вториот дел, најпрво Американците преку Хаџи Рајт намалија на 2:1 (76. минута), за во 81. минута холандскиот репрезентативец Дензел Дамфрис да ја потврди победата на „лалињата”.
Во 1/4 финалето на Мундијалот во Катар, селекцијата на Холандија ќе игра со победникот од мечот Аргентина – Австралија.
Натпреварот на овие две репрезентации ќе се одигра вечерва од 20 часот во Ал Рајан.