Утре во патријаршискиот храм во Фанар вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископ г. Стефан ќе одржат заедничка Патријаршиска и синодална света литургија.
Ова е последователн чин откако вселенскиот патријарх на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, и по вчерашното молитвено присуство на наша црковна делегација на празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх.
Во храмот е најавено е и присуство и на официјална владина делегација која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.делегацијата има официјална посета на Туркије.
„Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Славјанка Петровска, министерка за одбрана и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, во Фанар ќе присуствуваат на Патријаршиската и Синодолна Света Литургија, откако во четвртокот вселенскиот патријарх г. Вартоломеј на нашиот архиепископ г. г. Стефан му го предаде актот на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви“, информира владината прес-служба.
Премиерот ќе има и средба со вселенскиот патријарх.
Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.
Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.
Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.