Владата донесе одлука со којашто утрешниот ден, 13 февруари, понеделник, е прогласен за Ден на жалост на Република Северна Македонија, јави МИА.
– Одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија, на 6-ти февруари 2023 година – информира владината прес-служба.
За време на утрешниот Ден на жалост, знамето на Република Северна Македонија, ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
На почетокот на владината седница е оддадена почит за жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.